На завршниот митинг тој ги повика граѓаните да гласаат, како што рече, како најдобар одговор и на поткупот кој го прават овие денови и на притисоците
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во Штип, завршниот митинг на партијата пред изборите в недела го започна со зборовите на Пабло Неруда: Можете да исечете цвет, но не можете да ја спречите пролетта на дојде!

„Новата иднина доаѓа. Подгответе се, а со новата иднина доаѓаат подобри времиња за сите луѓе во Македонија. Народе на Македонија, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци мора да знаете мојата битка е и ваша битка, а целата ни е иста. Земете учество во создавањето на новата иднина“,
рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните да гласаат, како што рече, како најдобар одговор и на поткупот кој го прават овие денови и на притисоците.

„Не залудно последниот ден од нашата кампања е овде во Штип, затоа што Штип бил круната на многу промени кои се случувале во историјата, а така ќе биде и денес. Ние не завршуваме во Штип, туку ова е почеток, означување на почетокот во нашата битка за промени, и создавање на нова иднина, во битката за вредностите во кои веруваме и за кои се обврзуваме“,
рече тој на митингот во Штип.
Мицкоски додаде дека времето на промени и создавање на нова иднина започнува.
„Ќе победиме затоа што овој пат е јасно Македонија е на нозе, и нема да дозволи апсолутна власт во рацете на неодговорни луѓе, уште нови четири години од нашите животи заедно да ги потрошат. Сите овие луѓе бараат парче достоинство за себе, решавање на нивните проблеми, одговорност, сигурност и среќа во нивните животи“,
посочи Мицкоски.