Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта
Изборната кампања е завршена и од денеска заклучно до 19 часот в недела, на 17 октомври, трае изборниот молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги извести радиодифузерите дека од полноќ важат правилата за изборен молк.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.
Два дена гласање
На 16-ти октомври ќе се спроведе гласањето за болни и немоќни лица, како и на лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на ковид-19, како и оние на кои им е одредена мерка самоизолација.
На локалните избори на 17 октомври, како и во вториот круг на 31 октомври, ќе се применуваат истите мерки за превенција од ковид-19 како на претходните избори.
Гласачи
Вкупно 1 824 864 граѓани имаат право на глас на претстојните локални избори, кога ќе се гласа за нови градоначалници и членови на советите на 80 општини во земјава и градот Скопје.
Од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во посебните изводи од Избирачкиот список за лица кои се на привремена работа или престој во странство се запишани 82 461 гласач, на издржување казна затвор или се во притвор се 1 899 гласачи, во установи за вонсемејно сместување се запишани 351 гласач и во посебниот извод на Избирачкиот список за раселени лица има шест гласачи.
Гласачите, на претстојните локални избори, ќе можат да гласаат и со истечени лични карти, а ќе може да гласаат и оние што ги нема во Избирачкиот список, ама ги исполнуваат условите…
Граѓаните ќе можат да гласаат со патни исправи, но, според измените на Законот за патни исправи, документот ќе се смета со рок на важност од 31 јули 2020 до 31 декември 2021 година
Третата измена е по препорака на ОБСЕ, а се однесува на тоа граѓаните кои не се во Избирачкиот список, а ги исполнуваат условите, да гласаат на денот на изборите. Тоа ќе биде овозможено по добивање решение од ДИК, а по поднесен приговор за заштита на личното избирачко право и откако општинската изборна комисија ќе утврди дека граѓанинот ги исполнува условите дента да биде запишан во Избирачкиот список или по добивање пресуда од Управниот суд дента на тие граѓани ќе им се дозволи да гласаат, а избирачкиот одбор, со добиени копии од решението, ќе ги запише во Избирачкиот список.
За прв пат на овие избори ќе се гласа со уреди за отисок од прст.
Изборите ќе бидат мониторирани од 1 045 акредитирани набљудувачи и преведувачи, од кои 714 се домашни, а другите странски набљудувачи.