Имаме политички партии на кои им се доделуваат милионски финансиски средства за кампањи, а од друга страна граѓаните треба да се борат, во политичка смисла, и да се соочуваат со партиски структури кои низ годините изградиле големи капацитети, па и финансиски, бидејќи знаеме дека дел од политичките партии имаат голем имот и богатство, вели Тахири
Универзитетскиот професор и комуниколог, Сефер Тахири, во вечерашната дебата на „360 степени“ рече дека политичкиот систем во земјава е толку многу партизиран што, иако се појавуваат независни и граѓански политички опции тие тешко може да се изборат за свое место на политичката сцена.
„Во Тетово има една независна листа ‘Подобро за Тетово’ која според мене е најдобрата листа од сите политички партии коишто имаат кандидати. Но, ќе кажам што имаме реално во политичкиот систем во земјата. Политичкиот систем на С Македонија за жал е детерминиран од партиски аспект. Јас вечерва би сакал да зборувам за независните кандидати, независните листи, дека демократското учество на граѓаните ќе биде поголемо, но јас кога ѝ се обраќам на јавноста сакам да зборувам за тоа која е нашата објективна ситуација. Ние сме партиско општество и ова е познато. Ние во С Македонија, не зборувам за политичките блокови поделени на етничка основа, но реално не успеавме да формираме трета политичка опција или трета политичка партија која би била политичка алтернатива на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од една страна и од друга страна на ДУИ и албанската опозиција“,
вели Техири.
Тој, кажа дека иако имало иницијативи и обиди како Левица, но според него до овој моменто политичкиот систем е двопартиски и кај албанскиот и кај македонскиот блок.
„Ова не ми дава надеж дека би можело да има успешен продор на листите на независните кандидати. Секако, ние како општество треба да го поддржиме концептот на поглемо учество на граѓаните во политичкиот живот. Но, ова не зависи само од волјата и желбата, туку од системските промени што треба да се направат. Имаме политички партии на кои им се доделуваат милионски финансиски средства за кампањи, а од друга страна граѓаните треба да се борат, во политичка смисла, и да се соочуваат со партиски структури кои низ годините изградиле големи капацитети, па и финансиски, бидејќи знаеме дека дел од политичките партии имаат голем имот и богатство. Во ваков партиски систем, тешко е, најпрво да се формира трета политичка опција, а потоа, како што кажав, да го негуваме демократското учество кое е многу важно за демократијата. Но, за жал, нашата демократија останува партиска“,
вели Тахири.