Претпријатието цела година одбива да ги достави влезните и излезните фактури од своето работење на што е обврзано со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На годишно ниво располага со 43 милиони денари јавни пари, порачаа од иницијативата на последната прес-конференција пред изборниот молк
Завршната прес-конференција од кампањата Зелен Хуман Град ја посвети на прашањето за бездомните животни.
„Бездомните животни се една од најгорливите теми во управувањето со градот. Активистите за заштита на животни со години работат да го решат проблемот, но тоа е невозможно кога институциите не само што не соработуваат, туку и ја попречуваат нашата работа. ЈП ‘Лајка’ работи целосно нетранспарентно и е затворено за активистите. Претпријатието цела година одбива да ги достави влезните и излезните фактури од своето работење на што е обврзано со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На годишно ниво располага со 43 милиони денари јавни пари“,
велат од ЗХГ.

Тие објаснуваат дека советничката и актуелната носителка на листата за советници на Зелен Хуман Град за Град Скопје, Драгана Велковска од декември 2020 г. до денес и покрај две уважени жалби од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер – не ги има добиено влезните и излезните фактури од ЈП „Лајка“, ниту има добиено информација колку точно кучиња се истретирани и кои услуги од Ценовникот на „Лајка“ ги добиле при третманот.
„Фактурите се побарани бидејќи од извештаите на ЈП ‘Лајка’ не може да се види ништо, тие се бегли, кумулативни и непрофесионално изработени. Прикривањето на финансиите на претпријатие кое е финансирано од јавни пари е кривично дело“,
велат од ЗХГ.
Понатаму тие објаснуваат дека најмалку четири пати активистите за заштита на животните ја доставуваa програмата за трајно и хумано справување со бројот на бездомни животни до Град Скопје и до „Лајка“, но секојпат биле игнорирани и од претпријатието и од градоначалникот Шилегов.
Но, не само активистите се игнорирани од ЈП „Лајка“, туку одбивани се и граѓани кои пријавуваат бездомни животни и бараат да ги залови и да ги истретира.
„Прашањето со бездомните животни не може да се реши додека автократи управуваат со овој град и со градските претпријатија. Неопходни се лица на функции кои ги знаат решенијата втемелени на добри практики од светот и кои имаат волја да ги спроведат“,
велат од ЗЛХ и додаваат дека тие ќе го отворат не само претпријатието за граѓаните и активистите, туку целиот Град Скопје.
„Скопјани мора да имаат контрола врз сите институции на Градот и врз начинот на кој се трошат нивните пари, зашто само така може да изградиме здрава, силна и праведна заедница“,
порачуваат од ЗХГ во последното обраќање до јавноста во рамки на кампањата за локалните избори пред изборниот молк на полноќ.