Арсовска вели дека дел од средствата ќе ги пренамени за реновирање и за трансформирање на старата касарна во Аеродром во центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ-стартап компании
Од штабот на Шилегов, пак, сметаат дека е лицемерно таа да држи предавања за скромност и одговорно управување со јавните финансии, кога ВМРО-ДПМНЕ градеше резиденции за градоначалникот на плоштадот „Македонија“
Како да се потрошат парите од продажбата на објектот што беше планиран за градска куќа во Скопје, во која би биле сместени канцелариите на градоначалникот и скопската администрација, е прашањето околу кое денеска со свои најави и меѓусебни обвинувања излегоа независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, и штабот на актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Петре Шилегов.
Откако беше продадена барокната зграда која првично беше наменета за градска куќа, Арсовска го обвинува Шилегов зошто распишал конкурс за купување нова.
„Дури противзаконски, сред избори тој објавил оглас за оваа цел и планира да даде 11 милиони евра. Наместо да се потрошат 11 милиони евра за нови луксузни канцеларии за градоначалникот, тие средства ќе ги вложиме во креирање иднина за младите. Во време кога младите заминуваат од земјава, во време кога многу малку се вложува во нивната иднина, во време кога имаме толку несредени работи во Скопје, на градоначалникот во заминување му е приоритет токму набавката на простор за луксузни канцеларии за него“,
обвини Арсовска.
Таа вели дека дел од овие пари ќе ги пренамени за реновирање на старата касарна во Аеродром и оти во соработка со оваа скопска општина ќе ја трансформира касарната во центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ-стартап компании.
„Ќе финансираме реновирање на овој центар, каде што младите ќе имаат можност да ги надградуваат своите вештини и да градат кариера во најбрзо растечкиот сектор во земјава. На овој начин, ИТ стартап компаниите ќе имаат свои канцеларии, а младите нови можности за развој. Лицата кои имаат желба да се едуцираат во областа на изработка на софтвер и програмирање во ИКТ индустријата, како најбрзо растечка и најдобро платена индустрија, ќе имаат силна поддршка од градот Скопје и од мене како негов нов градоначалник. Овој проект всушност ја дава разлика за тоа како функционира еден политичар, а како еден менаџер. Политичарот инвестира во канцеларии и во својата фотелја, а менаџерот во иднината. Време да ставиме крај на политикантството! Време е да ставиме крај на нефункционални решенија! Време е за брзи, квалитетни и сигурни решенија за градот Скопје. Не е време за непотребни трошења, кога имаме толку многу проблеми во градот. Време е за вложување и создавање услови за отворање на нови работни места“,
рече Арсовска на денешната прес-конференција.
Од штабот на Шилегов пак, во реакцијата порачаа дека парите од продажбата на барокната зграда под Кале, на кејот на Вардар, се во буџетот и нема да се потрошат на барокни фасади и скапи фонтани.
„’Независната‘ кандидатка, со кампања дебело финансирана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, продолжува во јавноста да шири неинформираност и непознавање на законите, мислејќи дека некој може да продаде јавен имот и парите да ги снема. Тоа можеби некогаш и можеше да се случи, кога владееше нејзиното ВМРО-ДПМНЕ. Поминаа времињата кога ВМРО-ДПМНЕ градеше резиденции за градоначалникот на плоштад ’Македонија’. За разлика од нив, Шилегов нема намера да се пресели со семејството во Офицерски дом, како што сакаше и планираше ВМРО-ДПМНЕ со Коце Трајановски, тоа да биде резиденцијата на градоначалникот. Дента кога дознаваме дека нејзиниот ментор Никола Груевски правел барокен дворец со огромен балкон и базен на Водно, Арсовска ни држи предавања за скромност и одговорно управување со јавните финансии. Ова е лицемерие по учебник на ВМРО-ДПМНЕ“,
реагираат од штабот на Шилегов.
Кога е во прашање одговорно управување со парите, оттаму ја потсетуваат противкандидатката дека Шилегов ја сопрел изградбата на барокни фасади низ Скопје и тие пари биле пренаменети за реновирање на сите средни училишта во главниот град.