На локалните избори во 2017 година СДСМ, збирно, во сите 80 општини, освои над 420 илјади гласа и околу 530 советнички места, наспроти 415 советнички мандати на ВМРО-ДПМНЕ, која во оваа „категорија“ тогаш освои над 335 илјади гласа
Само „не“ рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Заев одговори одречно на прашање дали би поднел оставка доколку СДСМ, во вкупен износ, има помалку гласови за советничките листи во општините по првиот изборен круг в недела.
Изборите за советници во 80 општини и во Градот Скопје се спроведуваат во еден изборен круг, според пропорционален модел и даваат поверодостојна слика за рејтинзите на политичките субјекти од изборите за градоначалници, кои се според мнозински систем и во два изборни круга.
Во текот на продолжениот викенд беа пласирани неколку анкети на јавното мислење од кои произлегуваат различни прогнози за изборниот исход.
На полноќ стапува во сила забраната за објавување испитувања на јавното мислење пред изборите на 17 октомври.
На локалните избори во 2017 година СДСМ освои најмногу гласови од сите учесници на советничките листи. Поточно, збирот на гласови во сите 80 општини беше над 420 илјади, кои им донесоа на социјалдемократите околу 530 советнички места, наспроти 415 советнички мандати на ВМРО-ДПМНЕ, која во оваа „категорија“ тогаш освои над 335 илјади гласови.