Шилегов вели дека паркот ќе има содржини за три возрасни групи деца и станува збор за проект кој е самоодржлив. Проектот беше планиран за мандатот на градоначалникот што истекува, но советниците на Град Скопје го одложија со консензус поради пандемијата на ковид-19

Скопје го добива најдобриот забавен парк во регионот, најави актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за нов мандат, Петре Шилегов.
Паркот ќе биде на истото место кај стариот парк „Луна“ и според проектот што го претстави Шилегов ќе има содржини за три возрасни групи деца. Тој најавува дека по изборите ќе се распише тендер, а паркот ќе треба да биде готов за 18 месеци, односно до летото 2023 година.

„Скопје треба да стане регионален туристички центар. Стотици туристи секој викенд со автобуси доаѓаат од соседни држави за да ги посетат нашите детски атракции како Скопската Зоолошка или Дино паркот. Дино паркот е единствен во регионот, а зоолошката една од подобрите во него. Со забавниот парк Скопје станува дополнително попривлечен за семејниот туризам, со оглед на тоа што ваков забавен парк нема во радиус од 300 километри од Скопје. Забавниот парк ќе се наоѓа на истото место како стариот Луна Парк на парцела со иста големина и со ист број на дрвја, зашто проектот е таков да ниедно не треба да се пресече. Предвидени се 27 реквизити, односно содржини, за три различни возрасти на деца. Детски дел, семеен и екстремен. Адреналинските содржини од екстремниот дел за најголемите деца ќе можат да бидат користени и од повозрасните. Како на пример ролеркостерот кој ќе биде најголемиот на Балканот, а ќе можат да го користат и возрасните“,
вели Шилегов.
Тој вели дека паркот ќе биде изграден по сите стандарди за квалитет и безбедност, а покрај реквизитите предвидени се и ресторани, сувенирници, тоалети и други продавници и содржини.

„Би сакал да нагласам дека идејното решение е од Франко Бараѕони кој има проектирано преку 50 светски забавни паркови во светот“,
рече Шилегов.
Проектот, според тврдењата е самоодржлив. Дневно ќе може да прима до три илјади посетители, а годишно над еден милион.

„Проектот е целосно самоодржлив, за реализација на овој проект се бара изведувач кој ќе го финансира и нема да има буџетски импликации на Град Скопје. Се очекува паркот да се исплати сам за три години, а потоа градот ќе заработува и ќе вложува во нови проекти. Создаваме одржлива градска организација“,
тврди градоначалникот.
Овој проект беше планиран и во мандатот на градоначалникот што му истекува, но беше одложен поради пандемијата на ковид-19.
„Во април 2020 година сите советници во Советот на Град Скопје, консензуално донесоа одлука да ја одложат изградбата на Луна парк и парите на даночните обврзници да бидат пренаменети за некои други кризни, пандемски проекти и трошоци. Тоа е еден од ретките примери кога советниците во градот успевале да донесат правилна и издржана одлука, необременета со популизам и печалење политички поени“,
изјави Шилегов.