Додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и во Петровец критикуваше за покачувањето на цените и за задолженоста на државата, лидерот на СДСМ од Свети Николе најави дека од почетокот на следната година минималната плата ќе биде 300 евра
По учеството на самити во Словенија, лидерите на двете најголеми партии, премиерот Зоран Заев (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) вечерва продолжија со своите кампањси за локалните избори.
Заев, кој учествуваше денеска на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, вечерва, на митинг во Свети Николе пак ветува покачување на минималната плата, овој пат 300 евра.
„Од 1 јануари 2022 година, просечната плата ќе биде 500 евра, а минималната 300 евра. Земјоделците ни се важни, ги алоциравме субвенциите и секој пат кога е потребно дополнително интервенираме од буџетот, работниците ни се важни, ги покачивме платите и ги мотивиравме компаниите да ги зголемуваат платите, а државата ги плаќа придонесите. Минималната плата е покачена од 9 000 на 15 000 денари, просечната плата изнесува 28 744 денари. Сите плати за само четири години се покачени за најмалку 100 евра, а истовремено стапката на невработеност падна на историски 15,9 отсто“,
рече Заев.

Заев оцени дека Свети Николе прераснува во најпривлечна дестинација за инвестиции во „зелена“ енергија.
„Овде веќе имаме потврдено инвестиција за ветерници од 36 мегавати, вредна преку 50 милиони евра. Прогласивме стратешка инвестиција од компанијата ЕФТ, фотонапонска централа од над 80 мегавати, проект вреден 60 милиони евра, а само со градоначалникот разговараат инвеститори за инвестиции од над 50 милиони евра. Свети Николе ќе ја брендираме како зелена и еколошка општина, со тоа што ќе носи и приходи и нови добро платени работни места. Преку Интервентниот план за инвестиции, инвестициите ги пренасочуваме кон општините. Целта ни е да донесеме нови работни места и рамномерен регионален развој“,
рече Заев.

Мицкоски, пак, кој вчера беше во Љубљана, на самит на Европската народна партија, вечерва од општина Илинден понуди нов концепт што го нарече „три пи“. Првото „пи“, како што рече, подразбира промена на системот на вредности, второто е за проекти за развој, за грижа на луѓето и подобрување на инфраструктурата – со јасни рокови, додека третото „пи“, како што нагласи, стои за победи, „победа на духот над малодушноста верба во квалитетот на нашиот народ, на сите етнички заедници, верба дека оваа држава е заедничка и дека работи за сите нас“.

Мицкоски рече дека изборите се шанса народот да се избори да се чуе неговиот глас.
„Изборите се шанса за тивкото мнозинство., вие пристојните луѓе на кои ви е преку глава да бидете прескокнувани, омаловажувани и тргани на страна, кои имате став за работите, а не ве прашуваат. Да не дозволиме апсолутна власт во рацете на човек кој ја злоупотребува таа власт. Време е за промени и шанса за нова иднина. Време е да се чуе гласот на тивкото мнозинство, на реалниот човек“,
рече Мицкоски, повикувајќи на масовна излезност на гласањето на 17 октомври.
На митинг во Петровец, пак, Мицкоски истакна дека инфлацијата расте, цените на производите се покачуваат драстично и тоа, како што рече, ги јаде семејните буџети.
„Да можат би им го наплаќале и воздухот на граѓаните. Реалноста е лоша, стандардот драстично опаѓа, а гувернерката на НБРМ потврдува дека инфлација има и дека ќе се зголемува. Но тоа најдобро се чувствува кога ќе отидете во продавница. Повисоки цени кои го јадат семејниот буџет, половина милион луѓе живеат со 150 денари на ден, покачени цени на масло за јадење, млеко, брашно, a оваа недела повторно, по кој знае кој пат се покачи и цената на бензинот. Се најавува сигурно покачување на цената на струјата, првин за стопанството, а потоа и за граѓаните“,
рече Мицкоски.