Се работи за најавите дека АД ЕСМ ќе објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК „Битола“ за продолжување на работењето на РЕК „Осломеј“, како и за распишувањето тендер во тек на изборна кампања од страна на Град Скопје за изградба на градска куќа, односно нови административни простории на Град Скопје
Државната комисијата најави дека ќе разгледа два случаи објавени во јавноста за тоа дали има корупција и судир на интереси. Се работи за најавите дека АД ЕСМ ќе објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК „Битола“ за продолжување на работењето на РЕК „Осломеј“, како и за распишувањето тендер во тек на изборна кампања од страна на Град Скопје за изградба на градска куќа, односно нови административни простории на Град Скопје.
Од ДКСК ќе проверуваат дали наведените набавки се предвидена и со Годишните планови за јавни набавки за 2021 година, односно дали нивната реализација е планирана во овој период и дали за истите се предвидени и обезбедени средства и по анализа на документацијата, наодите ќе ги изнесе во јавност.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата во денешното соопштение повторно укажуваат на обврската за доследно почитување на забраните од Изборниот законик, односно член 8-а, и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, според кои, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборниот процес, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Исто така, ДКСК ги следи и однесувањата на јавните функционери во време на изборниот процес од аспект на злоупотреба на службената положба и јавните добра за изборни цели, односно влијание врз гласачкото тело. Но, посочуваат дека со оглед на фактот дека со Изборниот законик се дефинирани забраните за овој период, и санкциите за нивно непочитување, укажуваат дека е неопходно дејствување и на други надлежни институции.