Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од предизборниот собир во Радовиш ја потенцира изјавата на премиерот Заев вчера во Тетово за „чиста Македонија“ во етнички контекст, што, како што рече ја поврзал со ВМРО-ДПМНЕ
Вечерва во Радовиш, ВМРО-ДПМНЕ го промовира Ацо Ристов за кандидат за градоначалник
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во општина Радовиш, порача дека не прави пактови со криминалци и измамници и ѝ порача на власта дека е за исчистена Македонија од криминалци и измамници како оние на власт.
Тој ја потенцира тука изјавата на премиерот Заев вчера во Тетово за „чиста Македонија“ во етнички контекст и тоа, како што рече, го поврзал со ВМРО-ДПМНЕ.
„Го гледам и се чудам, тој е убеден дека со уште една нова лага, ќе им се прикаже за спасител на другите заедници, а ние да бидеме лошите, оние назадните, прво никогаш не сум изговорил таков збор, тоа не е дел од мојот речник ,тоа не е дел од моето размислување, но еве што го споменал зборот „чиста“, да му одговорам, јас сум за исчистена Македонија од криминалци и измамници како што сте вие“,
рече Мицкоски.
Ја обвини власта дека потонала во како што рече, својата моќ и ароганција, во корупција играјќи си со животите на граѓаните.

„Педесет и два месеци Зоран Заев го возат во службени лимузини, 52 месеци семафорите се палат и гасат за Заев, 52 месеци ги злоупотребува привилегиите на власта, а што има за возврат направено за народот, нормално ли е да се вози премиерот во ново патничко возило БМВ, додека народот страда за леб, земјоделецот едвај врзува крај со крај, како пред некој ден во Велес, ‘бентли’ и ‘мајбах’ да е возниот парк на функционерите од власта, како ги заработија овие пари и кога, одлепеноста од реалноста говори дека не знаат како говори овој народ, 52 месеци се власт, а имаат потрошено 16 милијарда евра народни пари, а гледате ли некој нов автопат кој самите го изградија, а ветија 500 километри автопати, ветија раст на економијата од 5 % годишно, а просекот во овие месеци е скромни 1,25%, за овие 52 месеци секое семејство го задолжија за 4 500 евра за да може да трае политичката кариера на Зоран Заев, ете толку не задолжи Заев за да може да краде и да ужива во привилегиите“,
рече Мицкоски во обраќањето.
Вечерва во Радовиш, ВМРО-ДПМНЕ го промовира Ацо Ристов за кандидат за градоначалник.

Тој им порача на присутните дека изборот треба да биде ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи имаат сосема поинаков пристап од акуелната власт и јасно дефинирана цел за развиен, напреден, добро уреден и независен Радовиш. Им вети: нов културно – деловен центар со подземен паркинг за 200 возила, деловни простории, угостителски објекти, затворен мултифункционален атриум за 1500 луѓе, галерија и дел за домување, како и комплетно нов градски пазар.