Градот Скопје, сметаат од ЗХГ, може да обезбеди енергетска независност преку зелени инвестиции во поставување фотоволтаици

Кои се можностите на Град Скопје да обезбеди енергетска независност за објектите под своја надлежност, но и субвенциите за скопјани со цел да се ослободат од енергетската сиромаштија, беше темата на која денеска во предизборната кампања дебатираше иницијативата Зелен Хуман Град (ЗХГ), која со своја независна листа на советници и со кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Ана Петровска, влезе во трка на локалните избори закажани за 17 октомври.
Тоа, нагласуваат од ЗХГ, може да се направи преку зелени инвестиции во поставување на фотоволтаици, а имајќи го предвид бројот на сончеви денови, може и да се заработува од зелената енергија.
„Во Програмата за енергетска ефикасност на Град Скопје е препорачано да се поставуваат фотоволтаични системи на објекти под надлежност на градот. Имајќи предвид дека Македонија има 280 сончеви денови, ние би можеле не само да станеме енергетски независни, туку и да заработуваме од извоз на зелена енергија. Фотоволтаичните системи се во моментов единствената технологија која има најмал негативен ефект врз човекот, животните и животната средина“,
нагласуваат од Зелен Хуман Град.
Од иницијативата потсетуваат и дека на Граѓанскиот буџетски форум кој го организирале лани, здружението Е.Д.Е.Н., предложило да се одвојат 800 милиони денари за мерки за енергетска независност, а и подготвиле две анализи за да му се помогне на Градот да обезбеди појдовни податоци.