Анкетата на Стратум покажува дека вкупно 24,9% од граѓаните би гласале за листите на СДСМ на локалните избори, а 22,8% за листите на ВМРО-ДПМНЕ. Од опозицијата, пак, обвинија дека станува збор за наместена анкета
Откако Стратум објави анкета во која во предност е СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ обвини дека станува збор за наместена и лажна анкета, социјалдемократите реагираа со порака дека тие се убедлив победник на изборите и ништо не ја спасува опозициската партија и Христијан Мицкоски од пораз.
„Сите анкети од релевантни институции спроведени во изминатите неколку месеци покажуваат дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја ужива најголемата доверба кај граѓаните. Тоа е затоа што СДСМ зад себе има резултати, има одговорни државнички политики и реализирани над 7 000 проекти на локално ниво. Со тоа се потврдува дека СДСМ и ’Најдоброто‘ се фаворити и убедливи победници на претстојните локални избори“,
велат од СДСМ потсетувајќи дека и анкетите на Брима, Ири и други агенции потврдуваат дека граѓаните ним им даваат поддршка.
Од СДСМ ѝ порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ и дека бадијала се сите оправдувања и барања алиби за изборниот пораз на локалните избори.
Анкетата на Стратум, нарачана од новинската агенција „Макфакс“, е направена телефонски во периодот од 25 до 30 септември на примерок од 1 000 испитаници и покажува дека вкупно 24,9% од граѓаните би гласале за листите на СДСМ на локалните избори, а 22,8% за листите на ВМРО-ДПМНЕ.