Ќе има 24-часовна патрола на редари кои ќе се грижат за заштита на шумското и природно богатство како и за безбедноста на планинарите при несакани ситуации, повреда или слично, најави кандидатката за градоначалничка на Скопје
Кандидатката за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес-конференција рече дека доколку ја добие довербата од граѓаните таа ќе се залага за заштита на Водно со закон и ќе го реши проблемот со појавување на нови градби на парк шумата.
„Бевме сведоци како граѓаните го бранеа Водно со жив штит поради сечењето дрвја, се обидуваа да ја одбранат парк шумата, но никој од локалната управа не им помогна, напротив застанаа на другата страна. Ова не смее да биде нашата реалност. Градоначалникот мора да ги слуша барањата на жителите и да наоѓа решенија во нивен интерес. Затоа во мојата програма го имаме Водно, зелен штит, она што жителите го бараат. Време е за системски решенија“,
рече Арсовска.
Според нејзината програма, Водно ќе биде прогласено за парк на природата што ќе вклучува и пошумување на 100 000 садници на автохтони видови дрвја годишно.
„Се планира доизградба на жичницата од Скопје до Средно Водно каде заедно со еколошкиот превоз ќе овозможи Водно да биде без автомобили. Зелен штит на градот како проект предвидува 24-часовна лупа на Водно, односно постојана грижа за парк шумата. Ќе има 24 часовна патрола на редари кои ќе се грижат за заштита на шумското и природно богатство како и за безбедноста на планинарите при несакани ситуации, повреда или слично“,
рече Арсовска.