Како лабуништанец, тој рече дека смета дека е време Струга да добие градоначалник од ова населено место и вети дека ќе го направи градот подобро место за живеење и за соживот меѓу сите граѓани
Проблемот со депонијата, водоснабдувањето, урбанизацијата и образованието се клучните проекти кои ги најави кандидатот за градоначалник на Општина Струга од движењето Беса, Абдула Ќазимоски.
Барајќи ја довербата од стружани на претстојните локални избори закажани за 17 октомври, тој вети решавање на, како што рече, децениските проблеми во општината.

„Водата за пиење е повеќегодишен проблем, како во градот, така и во руралните населени места. Ќе се обидам да го решам овој проблем и стружани да имаат чиста вода за пиење преку целата година. Ако тие, политичките опоненти, не можеа да го решат проблемот за три, односно четири мандати, јас ќе се обидам тоа да го сторам во еден. Доколку не успеам ќе се откажам од секакви политички ангажмани“,
рече Ќазимоски, пренесе МИА.
Како еден од горливите проблеми во општината ја посочи и урбанизацијата, односно дивоградбите во руралните средини, поради немањето детални урбанистички планови.
„Урбанизмот создава хаотичен изглед на градот, но и дивоградбите во руралните средини. После толку години Општината не успеала да направи ДУП и да помогне во решавање на проблемот и луѓето да градат согласно законот“,
забележа кандидатот на Беса.
Според него, во лоша состојба е и образованието во Струга.
„Квалитетот на образованието е паднат на многу ниско ниво. Многу наставници ќе ја изгубат работата зошто е намален бројот на деца. Како градоначалник ќе го променам системот директорите на училиштата да не се поставуваат партиски, со цел да добиеме квалитетен образовен кадар“,
истакна Ќазимоски.
Како лабуништанец, тој рече дека смета дека е време Струга да добие градоначалник од ова населено место и вети дека ќе го направи градот подобро место за живеење и за соживот меѓу сите граѓани.
На вечерашниот митинг во Струга беше претставена и советничката листа на движењето БЕСА, чиј носител е Фатмир Емуш.