Независниот кандидат за градоначалник на Кичево, Фатмир Лимани, во вечерашното гостување на „360 степени“ зборуваше и за односите со раководството на владејачката партија, ДУИ, но и односот со лидерот на партија, Али Ахмети, со оглед на тоа што двајцата се во роднинска врска.
Лимани вели дека со повеќето од раководството во ДУИ има добри односи, иако во повеќе наврати упатуваше критики за дел од функционерите на ДУИ, а меѓу нив и за актуелниот градоначалник, Фатмир Дехари, на кој Лимани ќе му биде противкандидат на претстојните избори.
„Со 50 отсто од раководната структура на ДУИ стојам одлично, добри ми се односите, ми биле пријатели и натаму ми се пријатели, додека со над 90 отсто од комплетната структура на тоа што се нарекува електорат односите повторно ми се одлични. Не знам какви им се нив со мене, но мене ми се добри“,
рече Лимани.
Зборувајќи за Ахмети, Лимани не даде прецизен одговор дали имаат меѓусебен контакт, но кажа дека сè уште го почитува.
„Мене ми е убиен во опсада татко ми, и јас сум осуден на 15 години, за да го донесам Али Ахмети во родната земја заедно со неговото семејство, заедно со неговите деца, заедно со неговата сопруга, за да живее заеднички живот со неговото семејство. Јас сум го сакал, сум го почитувал, продолжувам да го сакам и почитувам, но би требало да се повикам на совеста за тоа каде се моите деца. Каде се децата на сите тие момци кои се жртвуваа за да го вратат него и многу други во родната земја. Ние не требаше војната од 2001 година, не требаше да ја водиме само за наши интереси, само за нашите семејства. Ние таа војна ја водевме за права, за да живееме подобро. Ние таа војна, и тој напор и тоа жртвување сме го направиле за да живееме заедно со нашите семејства. А не денеска да ни се случува овој егзодус, и ние сите да живееме без нашите деца и роднини“,
рече Лимани.