Споредбата ќе се врши во текот на обработката на пописниот материјал и оние граѓаните кои по било која основа не биле вклучени, а се дел и со сигурност може да се потврди врз основа на базите дека се присутни и живеат во Република Северна Македонија, ќе бидат дел од пописот
Последниве денови во пунктовите во општините се попишале околу 10 000 лица
Резултатите од пописот ги најави најдоцна за шест месеци, односно до март следната година
Во изминатите 25 дена, попишани се 1 832 696 лица, 568 175 домаќинствс и 837 255 станови.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, на вечерашнава прес-конференија по затворањето на апликациите за попис и со тоа официјалниот крај на пописот, објави дека тој бил успешен.
„Од опфатените објекти за живеење, 91 процент беа предмет на попис, а девет проценти се објекти кои не се предмет на попис (деловни згради, хотели). Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Онаму каде и по неколкукратните обиди не се оствари контакт со граѓаните, беа повикани во седиштата на оптшините да се попишат. Оние кои и тоа не успеаја да го направат, сепак ќе бидат дел од пописот, бидејќи се очекува да ги има во некои од базите кои ќе се користат при обработката на податоците“,
рече Симовски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку лица останале непопишани, Симовски рече дека таа бројка не може да ја знаат сега, бидејќи, како што рече, ако ја знаеле оваа бројка, тогаш немало потреба од попис. Ќе ја добијат во текот на обработката на податоците, кога тие лица ќе се појават во некоја од базите.
„Споредбата ќе се врши во текот на обработката на пописниот материјал. Овој метод дава можност за оние граѓаните кои по било кој основ не биле вклучени, а се дел и со сигурност може да тврдиме врз основа на базите дека се присутни и живеат во Република Северна Македонија, да бидат дел од пописот“,
рече Симовски.
За бројката на оние кои се попишале последниве денови во пунктовите во општините, рече дека се околу 10 000 лица.
Резултатите од пописот ги најави најдоцна за шест месеци, односно до март следната година.
Во следните неколку дена треба да ги направат последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите.
За самиот модел по кој се спроведе пописот, Симовски рече дека се работи за нова методологија на Евростат – со комбиниран модел, односно освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.