Претседателот на Комората Неби Хоџа им ја претстави Платформата за економски развој на локално ниво и најави дека ќе извршат притисок таа да се реализира во најдобрата форма и во догледно време
Во рамки на традиционалните средби кои Стопанската комора на Северозападна Македонија ги одржува во пресрет на изборите, денеска нејзини претставници се сретнаа со претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и кандидатите за градоначалници кои ќе учествуваат на претстојните локални избори.

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа истакна дека на оваа средба ќе дискутираат за Платформата за економски развој на локално ниво која произлегува од направените анализи на Комората базирана на потребите на реалниот сектор.
„Платформата е аполитички документ, кој ќе биде водич за потенцијалните кандидати за градоначалници во четиригодишниот мандат кои ќе менаџираат со нашите општини. Како Стопанска комора во оваа Платформа имаме предвидено неколку приоритети: ефикасна и ефективна администрација на општините, транспарентност, вклучување на бизнис секторот во програмите и нивна соработка со институциите и дигитализација на услугите во општините“,
изјави Хоџа, кој најави дека ќе побараат од кандидатите за градоначалници да ја реализираат платформата.
Тој потсети на примери од минатото, кога, како што рече проектите и ветувањата во голема мера се реализираат, но имаме и случаи кога дел од нив не се остварени и најави дека како стопанска комора ќе извршат притисок да се реализираат во најдобрата форма и во догледно време.
За претседателот на ДУИ, Али Ахмети ваквите средби и комуникација со бизнис-заедницата и помагаат на власта да може поуспешно да ги реализира проектите кои се од интерес за граѓаните.
„Насоките за извршната власт и за градоначалниците од ДУИ беа да имаат транспарентна, искрена соработка со Стопанската комора, да ги слушаат забелешките за да бидат што е можно поуспешни во реализацијата на програмата. Оваа комуникација и соработка ја збогатува работата што властите треба да ја завршат“,
рече Ахмети.