Потрошувачката расте, Азија купува наголемо, Русите го затвораат вентилот, а ветрот дува сѐ помалку… ова се причините за енергетската криза што се наѕира во Европа. Последиците се јасни: греењето и струјата ќе поскапат, а се заканува и недостиг на енергенти
Сметките за електрична енергија за домаќинствата и за бизнисите драстично се зголемија низ цела Европа. Во текот на оваа година цената постојано се зголемуваше, но најзабележителен беше скокотот во септември. Само во овој месец цените на големо на електрична енергија во Германија се зголемија за речиси педесет проценти, пишува во подолг напис „Дојче веле“.
Главната причина е глобалниот недостиг на гас, кој ја зголеми цената на овој енергент за четири пати од почетокот на годината. Се чини дека ситуацијата се влошува и многу влади стравуваат од прекин на електричната енергија пред неизбежниот скок на побарувачката во текот на зимата.
Во Обединетото Кралство, најголемите енергетски компании побараа од владата пакет за итни случаи. Пет помали добавувачи веќе престанаа да работат во последниот месец поради неможноста да ја платат енергијата со која требаше да ги снабдуваат компаниите. Други се плашат дека може да им се случи истото и во наредните денови и недели.
Во Шпанија, владата веќе усвои итен закон за намалување на високите сметки за енергија за потрошувачите преку пренасочување на профитот од енергетските компании. Италија оваа недела претставува пакет за поддршка на домаќинствата вреден 4,5 милијарди евра, додека Франција воведе субвенции за милиони домаќинства со ниски приходи.
Зошто се случува ова?
Според „Verivox 32“, онлајн платформа која ги споредува цените на енергијата, цените во Германија во просек се зголемиле за 12,6 проценти во септември и октомври. Според нивните податоци, таквото зголемување претставува 188 евра дополнителни трошоци за греење годишно за едно домаќинство.

Една од причините за недостигот е тоа што Европа ја добива енергијата од различни извори, при што природниот гас изнесува околу 20 проценти. Некои земји повеќе се потпираат на гас отколку други. Во Германија, речиси половина од домаќинствата се греат на гас.
Исто така, недостигот на гас во голема мера беше под влијание на временските услови. Минатата зима во Европа беше невообичаено студена, што ги намали резервите на гас. Гасот обично се надополнува во текот на пролетта и летото во подготовка за следната зима, но еден од најстудените априли во последните две децении го отежна снабдувањето.
Потоа, тука е прашањето за рускиот гас. Рускиот енергетски гигант „Газпром“, кој обезбедува дури една третина од европскиот гас, упорно одбива да ги зголеми испораките. Некои експерти шпекулираат дека Русија ги прекина испораките на гас со цел да изврши притисок врз ЕУ да го пушти во употреба гасоводот „Северен тек 2“ што е можно поскоро.
Неодамна Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, рече дека новиот гасовод „значително ќе ги балансира параметрите на цените на природниот гас во Европа“.
Дали постои алтернатива?
Постојат и други фактори што го влошуваат проблемот. Невообичаено топлото време во Азија предизвика зголемена побарувачка за климатизери и, како резултат на тоа, се јави зголемена потрошувачка на електрична енергија. Ова дополнително влијаеше на резервите на природен гас.
Имаше проблеми и со алтернативни решенија, како што е течен нафтен гас. Побарувачката за течен природен гас рапидно расте низ целиот свет, особено во Азија, поради брзиот економски раст и зголемувањето на населението. Ова влијаеше на резервите во Европа, при што оваа година увозот падна во споредба со минатата година.
Друга алтернатива е јагленот, но неговата цена сега е на рекордно високо ниво, делумно поради гасната криза, но и поради сѐ построгите политики на ЕУ за спречување на климатските промени.
Климатската политика во центарот на обвинувањата
Климатските политики на ЕУ за 2030 и 2050 година покажаа дека Унијата постави амбициозни цели за употреба на обновлива енергија. Во 2019 година учеството на потрошената енергија што доаѓа од обновливи извори во Европската Унија беше 19,7 проценти. Целта е оваа потрошувачка да се зголеми на 32 отсто до 2030 година.
Но, неодамна имаше проблем и со обновливите извори на енергија. Ветрот беше најголемиот производител на електрична енергија во Германија во последните години, но неговиот удел во потрошувачката падна од 29 проценти на 22 проценти во првата половина на 2021 година. На тоа влијаеше невообичаено мирното време, односно отсуството на ветер во ветерниците.
Нема доволно ветер
Сето ова сега доведе до европска енергетска криза и обвинувања дека климатските политики на ЕУ се виновни за овој проблем, како и дека транзицијата кон климатско неутрална иднина е прескапа за потрошувачите.

Во Европскиот парламент минатата недела, за време на расправата за предлозите на Европската комисија за план наречен „Фит за 55“, кој предвидува намалување на штетните емисии од 55 проценти, неколку европратеници го изразија гневот на граѓаните од тоа како влијаат политиките против климатските промени на цените на енергијата.
Сепак, Франс Тимерманс, комесарот за климатски прашања на Европската комисија, ги отфрла овие обвинувања и посочува дека недостигот на гас е примарна причина за енергетската криза, како и дека зголемените трошоци само го зајакнуваат аргументот за потребата од брз премин кон обновливите извори на енергија.
Зимата доаѓа
Општата слика е многу сложена, иако сѐ е јасно кога станува збор за потрошувачите низ Европа. Поскапеа греењето и струјата. Сценариото што владите очајно сакаат да го избегнат пред зимата е недостиг на електрична енергија, како за потрошувачите така и за бизнисите.
Благата зима сигурно ќе реши многу проблеми, како и посилните ветрови. Слично на тоа, доколку Русија го зголеми снабдувањето со гас – или преку постојните гасоводи или преку досега неодобрениот „Северен тек 2“ – тогаш цените најверојатно ќе паднат.
Ако тоа не се случи и ако оваа европска зима е студена како и минатата, енергетската криза може да стане голем проблем во ЕУ. Граѓаните и компаниите полека ја чувствуваат зимата, пишува „Дојче веле“.