Претседателот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, кој владее со земјата од 2006 година, ги отфрли извештаите за коронавирусот во земјата како лажни и во вторникот во изјава пред Обединетите нации рече дека одговорот на пандемијата не треба да се „политизира“
Руслан Миатиев, кој е во егзил и работи како уредник во холандската независна новинска организација „Туркменс њуз“, вели дека лично ги собрал имињата на повеќе од 60 луѓе за кои тврди дека починале од коронавирус, вклучително и наставници, уметници и лекари
Во скоро две години од почетокот на пандемијата, Туркменистан, наводно, немал ниту еден случај на коронавирус. Или барем така тврди авторитарната влада на оваа централноазиска земја, пренесува Си-ен-ен.
Туркменистан е поранешна советска република со речиси шест милиони луѓе и е една од петте земји што немаат пријавено случаи на коронавирус, според прегледот на податоците собрани од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ и Светската здравствена организација.
Претседателот на Туркменистан, Гурбангули Бердимухамедов, кој владее со земјата од 2006 година, ги отфрли извештаите за коронавирусот во земјата како лажни и во вторникот во изјава пред Обединетите нации рече дека одговорот на пандемијата не треба да се „политизира“.

Но, независни агенции и новинари и активисти надвор од Туркменистан велат дека има докази дека земјата се бори со третиот бран, кој ги преплави болниците и од кој досега починале десетици луѓе, и предупредуваат дека претседателот го минимизира смртоносниот вирус во обид да го задржи својот имиџ во јавноста.
Руслан Миатиев, кој е во егзил и работи како уредник во холандската независна новинска организација „Туркменс њуз“, вели дека лично ги собрал имињата на повеќе од 60 луѓе за кои тврди дека починале од коронавирус, вклучително и наставници, уметници и лекари, пренесува Си-ен-ен.
Миатиев вели дека ги проверувал сите регистрирани смртни случаи со здравствена евиденција и тврди дека открил лица со сериозни оштетувања на белите дробови и медицински третмани кои одговараат на жртвите на коронавирусот.
Туркменската влада не одговори на барањата на Си-ен-ен за коментар за случајот.

Од почетокот на пандемијата во 2020 година, Туркменистан инсистира на тоа дека нема случаи, иако соседните земји пријавија голем број заразени и починати. Иран, на пример, со кој Туркменистан има долга копнена граница, е една од земјите во светот со најголем број случаи – речиси 5,5 милиони, според Светската здравствена организација.
Според веб-страниците на британското и австралиското министерство за надворешни работи, сите летови кон Туркменистан во моментов се суспендирани и само на туркменските граѓани им е дозволен влез во земјата.
Миатиев вели дека неговите извори во Туркменистан почнале да го контактираат за случаите уште во мај 2020 година, во исто време кога вирусот драматично се рашири низ целиот свет. Тој рече дека првите пораки што ги добил зборуваат за „чудна белодробна болест слична на грип“ која погодила многумина.
„Беше најмалку 40 степени надвор – тоа не е вообичаена сезона на грип“,
рече тој.
Во јуни 2020 година Амбасадата на САД во главниот град Ашхабад издаде здравствено предупредување за „извештаи за локални граѓани со симптоми во согласност со коронавирусот, кои се тестираат за ковид-19 и се предвидува карантин од 14 дена“.
Владата на Туркменистан оваа изјава ја нарече лажна вест. Мисијата на СЗО во Туркменистан во јули 2020 година не потврди никаква инфекција со коронавирус во земјата, но рече дека е загрижена за „зголемениот број случаи на акутна респираторна инфекција и пневмонија“.
Според Миатиев, уште тогаш ситуацијата веќе била надвор од контрола, а Владата ги советува граѓаните да преземат бизарни мерки за јавно здравје, како што е подготовка на одреден вид зачинета супа.
Во јануари оваа година Туркменистан објави дека ја одобрил руската вакцина против коронавирусот „спутник В“ за употреба во земјата. Потоа, во јуни, Светската банка се согласи да ѝ позајми 20 милиони американски долари на туркменската влада главно за здравствени установи и изградба, како дел од програмата за „спречување, откривање и одговор на заканата што настанува од ковид-19“.
„Туркменистан гори“
И покрај тоа што претседателот тврди дека нема коронавирус во неговата земја, ситуацијата во Туркменистан е значително поинаква, тврдат независни новинари и активисти.
Дијана Серебријаник, директорка на европската група за програмата „Права и слободи на граѓаните на Туркменистан“, рече дека нејзината организација слушнала од контактите во земјата дека болниците во моментов се борат со оваа непогода. Таа посочи дека туркменските лекари од нејзината организација кои живееле во странство биле во контакт со поранешните колеги во земјата, за да ја дознаат вистинската состојба.
Таа вели дека лекарите во Туркменистан и рекле дека е тешко да се добие кислород и респиратори во земјата, дека третманот е скап и дека вирусот може да однесе илјадници жртви.
„Туркменистан гори, гори од ковид. Понекогаш тие дури и не ги примаат пациентите во болница, туку само ги испраќаат дома“,
рече таа.
Според неа, официјалната причина на смрт во овие случаи не е наведена како коронавирусот, па дури ни пневмонија – наместо тоа, потврдата на лекарот евидентира посебна состојба, како што е срцев удар, рече таа.
Според непрофитната организација „Хјуман рајтс воч“, кога здравствените работници се обиделе да зборуваат за реалноста на терен, биле притиснати да молчат.
Во земјата, слободата на печатот и независниот надзор не се дозволени – Туркменистан е рангиран на 178 од 180 земји и територии на Светскиот индекс за слобода на медиумите во 2021 година, пред Северна Кореја и Еритреја. Според „Хјуман рајтс воч“, граѓаните кои ја критикуваат владата се соочуваат со строги казни, вклучително и тортура и исчезнувања.
И странците кои престојуваат во земјата исто така погодени од ситуацијата во која Туркменистан го негира постоењето на коронавирусот на нејзина територија. Турски дипломат бил примен во болница во јули 2020 година со симптоми слични на корона, но неговата дозвола за евакуација во неговата матична земја била одбиена.

Според Би-би-си, неговата сопруга испратила рендген-снимки во турска болница. Тој починал на 7 јули, а официјална причина за неговата смрт беше срцев удар.
Неколку авторитарни влади низ светот го признаа постоењето на коронавирусот и добија меѓународна помош, па се поставува прашањето зошто Туркменистан упорно одбива да го признае тоа?
И Миатиев и Серебријаник велат дека претседателот, кој по професија е стоматолог и поранешен министер за здравство, наводно сака да нагласи дека управува ефикасно во корист на луѓето.
Серебријаник смета дека претседателот сака да се претстави како спасител на земјата и импресивен светски лидер кој го држи ковид надвор од својот дом. Признавањето дека во земјата има смртоносен вирус ќе ја наруши идеализираната слика што претседателот ја создал за себе и ќе го подложи на критики и потенцијална одговорност.