Пленумот од МОН бара и во училишта во кои има повеќе од 15 ученици во една паралелка да се премине на комбинирано учење, односно физичко присуство и онлајн-настава
Наставничкиот пленум бара од Министерството за образование и наука скратување на времетраењето на часовите во наставата со физичко присуство од 45 на 30 минути бидејќи, како што наведува во соопштение, наставниците имаат големи тешкотии да ја реализираат наставата во затворен простор и почитување на сите протоколи утврдени од Комисијата за заразни болести.
Пленумот од МОН бара и во училишта во кои има повеќе од 15 ученици во една паралелка да се премине на комбинирано учење односно физичко присуство и онлајн-настава.
Наставничкиот пленум во барањата пратени до МОН и министерката Мила Царовска бараа наставниците да се ослободат од секојдневните дежурства предвидени за период на учење со физичко присуство за време на пандемија.
Министерката за образование Мила Царовска денеска повтори дека на секои 15 дена таа има директна комуникација и координација со директорите на сите училиштата, а за доследноста во примената на протоколите и дали некаде се почитуваат помалку, рече надлежен е Државниот здравствен и санитарен инспекторат и инспекторите на терен.
„Досега се посетени повеќе од 60 проценти од училиштата од ДЗСИ и има минимални пречекорувања на почитување на протоколите во една општина и посочувања дека во некои училишта се уште тековно се гради и затоа се на онлајн-настава. Тоа се забелешките во извештаите што ги добиваме“,
рече Царовска при посетата на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош.
За одговори за која општина и училишта се работи, упати во Инспекторатот затоа што МОН, како што рече, не е надлежно за санитарниот аспект.
Таа одговараше на новинарско прашање по изјавите од канцеларијата на Народниот правобранител дека до кај нив пристигнале голем број поплаки од родители дека не се почитуваат протоколите во некои училишта.
Во однос на процентот на новозаразени во училиштата, Царовска го повтори она што го кажа и пред некој ден – дека е 0,01, како и во двата дена претходно, а од 1 септември досега вкупните случаи не надминуваат 0,2 отсто.
Според министерката Мила Царовска, тоа укажува на стабилност со вирусот во училиштата, но доколку Комисијата за заразни болести предложи промена на моделот, МОН ќе го примени.
„Министерството за образование и наука е во дневна координација со сите здравствени служби и неделно информира на состаноци на Главниот координативен штаб за состојбите во училиштата. Многу е значајно училиштата последни да се затворат, а први да се отворат и ова не е паушална изјава што ја посочувам како министерка, туку тоа е став на меѓународните организации УНИЦЕФ и ОЕЦД кои се грижат за квалитетот на образованието во сите држави во развој, меѓу кои е и нашата“,
изјави Царовска, додавајќи дека Владата одговорно ги следи сите инструкции, искуствата од другите држави и дека се утврдени и антиковид-протоколи.