Медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, на 10 септември, два дена по пожарот во тетовската модуларна ковид-болница, во кој загинаа 14 лица, објавија на своите фејсбук-профили дека поднесуваат оставки
Според Законот за здравствена заштита (член 107), директорот на јавната здравствена установа го именува и разрешува министерот за здравство, што значи дека нивните оставки, законски, би требало да ги достават до него
До Министерството за здравство досега не се стигнати оставките на директорите на Клиничката болница во Тетово, одговорија од Министерството на прашање на „360 степени“.
Директорот на тетовската болница Флорин Бесими на 10 септември прв објави дека поднел оставка по пожарот во тетовската модуларна ковид-болница, во кој загинаа 14 лица, а по него и економскиот директор Артан Етеми.
„По ваков трагичен и немил настан, оваа одлука е неизбежна“,
напиша Бесими на Фејсбук.
„Чувствувајќи ја длабоката болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин. Јас верувам на принципот дека истражните тела и меѓународно ангажираните експерти ќе ја откријат вистинската причина за тоа како настана трагедијата што се случи во модуларниот центар и која ги скрши нашите срца. Ја споделувам болката со роднините на жртвите“,
напиша Етеми, исто така на Фејсбук.
Обајцата тоа го направија на социјалните мрежи, а според денешниот одговор од Министерството за здравство тие не ги доставиле на законската адреса.
Именувањето и разрешувањето на директорите на јавните здравствени установи, според Законот за здравствена заштита, е регулирано во член 107 во кој се вели: Директорот на јавна здравствена установа го именува, односно разрешува
министерот за здравство… за именувањето, односно разрешувањето на директорот на јавната здравствена установа може да побара мислење од Здравствениот совет.
Премиерот Зоран Заев во своето прво појавување во јавноста по пожарот од 8 септември, денеска, беше воздржан во одговорите на новинарските прашања за случајот со модуларната болница. За оставките на министерот Венко Филипче, заменик-министерот Илир Хасани и двајцата директори на тетовската болница, тој го повтори истиот став што го имаше и во писменото соопштение.
Ред е, како што рече, прво да почекаме да се добијат сите одговори од експертите и форензичарите, од целокупната истрага, па потоа ќе го кажам моето мислење за поднесените оставки.
Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги повика Филипче и Хасани да ги достават оставките во Собранието до вторник, за кога е закажана нова собраниска седница. Во спротивно, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог во Собранието за нивно разрешување.
На ова од владејачкиот СДСМ му возвратија дека сака да профитира од трагедијата во Тетово и дека не го знае Уставот и се повикаа на член 94, наведувајќи дека ,,член на Владата може да поднесе оставка, но пред премиерот“.
Но, ако се гледа според Деловникот на Собранието, Мицкоски ја промаши адресата, а СДСМ процедурата.
Од ВМРО-ДПМНЕ утрово ги повика помалите коалициски партнери во владејачката коалиција, БЕСА, ЛДП, ДОМ, Демократскиот сојуз (ДС) и ДПА, да не ги штитат министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, туку заедно да изгласаат негова смена и повторно ги прозива министерот и неговиот заменик да ги достават оставките до Собранието, а не до премиерот Зоран Заев, кој, како што велат, нема да ги прифати.
Тие велат дека ќе поднесат предлог-одлука за разрешување, а не интерпелација затоа што сметаа дека таа би заглавила во фиоките на Талат Џафери.
Ниту во Уставот ниту во Деловникот на Собранието постои правен институт (постапка) во која премиерот прифаќа или не прифаќа оставка од министер или заменик-министер. Премиерот, согласно Деловникот, оставката поднесена од министер или заменик, само ја доставува до Собранието, кое, пак, без претрес треба да ја констатира на следната пленарна седница.
Изминатите години има повеќе примери за тоа.