Станува збор за жена од Велика Британија која престојувала во ски-центар надвор од Косово, со пет други лица за кои постои сомневање дека се заразени
Во Клиниката за инфективни болести во Приштина синоќа е примена пациентка, за која има сомневања дека е заразена со коронавирусот, како што јави косовскиот весник „Коха“.
Директорката на Клиниката за инфективни болести при Универзитетскиот клинички центар во Приштина, Линдита Бериша, на прес-конференција изјави дека вчера во 17 часот е хоспитализирана жена, за која постои сомневање дека има коронавирус. Таа наведе дека пациентката е изолирана и ќе биде сè додека не се направат соодветни анализи.
Како што јави телевизијата „Клан Косово“, министерот за здравство, Арбен Витиа изјавил дека пациентка е странски државјанин односно од Велика Британија и има симптоми на коронавирус, но тоа ќе биде потврдено откако ќе излезат резултатите од анализите.
„ Станува збор за странски државјанин,, односно за жена која престојувала во ски-центар надвор од Косово, со пет други лица за кои постои сомневање дека се заразени со коронавирус“,
истакна Витиа“.
Тој додаде дека пациентката има кашлица и има некои благи симптоми.
„Ги чекаме резултатите од анализите, екипите и сите потребни материјали се достапни. Околу полноќ се очекуваат резултатите и се надевам дека нема да бидат позитивни“ ,
посочи Витиа.
Косовскиот министер за здравство наведе дека пациентката се сомневала дека е инфицирана, откако видела дека тие со кои престојувала во скијачкиот центар биле заразени со коронавирус.