Радикално различните искуства од пандемијата со ковид-19 создадоа географски, генерациски и општествени поделби низ Европа што можат да ја обликуваат политиката на континентот во наредните години, се вели во студијата
Истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), врз основа на анкети на јавното мислење во 12 земји на ЕУ, покажува дека коронавирусот и радикално различните пристапи за негова контрола, го поделија континентот на два дела и создадоа приказна за две пандемии и две Европи.
Иако 54% од Европејците се изјасниле дека не биле сериозно погодени од пандемијата, подлабока анализа покажува дека мнозинството во Јужна и Источна Европа зборуваат за значителни лични предизвици – додека оние во Северна и Западна Европа во голема мерка на ова гледаат многу порелаксирано.
Податоците се дека 72% од испитаниците во Данска, 65% во Германија, 64% во Франција и 63% во Холандија рекле дека коронавирусот не им претставувал сериозна здравствена или економска закана ниту ним, ниту на нивното семејство во последните 18 месеци, објави Гардијан.
Овие бројки, сепак, драматично се разликуваат од оние во земјите од Источна и Јужна Европа, каде што мнозинството испитаници во Унгарија (65%), Шпанија (64%), Португалија (61%), Полска (61%), Бугарија (59%) и Италија (51%) го изјавиле спротивното.

Меѓутоа, во 12-те земји што се анкетирани, јазот меѓу генерациите е „една од најдраматичните поделби што се откриени со ова истражување“, вели другиот коавтор, Иван Крастев, додавајќи дека, иако владите низ Европа беа во право кога се фокусираа на спасување н животите на највозрасните, тоа сепак има своја цена.
„Време е креаторите на политики да се фокусираат на проблемите на младите. Цела генерација смета дека нивната иднина е жртвувана заради нивните родители и баби и дедовци“,
вели Крастев.
Испитаниците, исто така, се поделени и по прашањето за доверба, при што 20 проценти од испитаниците под 30-годишна возраст рекле дека рестрикциите поради коронавирусот се „изговор за јавен надзор“, наспроти 71 процент над 60-годишна возраст, кои веруваат дека целта е да се спречи ширење на вирусот.

Им веруваат на институциите
Во сите анкетирани земји, истражувањето покажа дека 64% од испитаниците имаат „доверба“ во јавните институции и нивната грижа за безбедноста, додека околу 19% се „сомневаат“ дека имале за цел да се прикријат владината немоќ и неспособност.
Податоците, исто така, откриваат и голема поделба во однос на тоа како луѓето гледаат на пандемијата како здравствена криза, од кои повеќето имаа доверба во мотивите на нивната влада, и оние кои ја гледаат како економска катастрофа, и генерално имаат помалку доверба и се сомневаат во целта.

Истражувањето, исто така, покажува дека само 22% од Европејците изјавиле дека се чувствуваат „слободни“ да управуваат со својот живот како што сметаат дека треба за време на пандемијата, додека 64% изјавиле дека се чувствуваат дека им се ускратени правата со почетокот на пандемијата.
Исто така, процентот на оние кои се чувствуваат „слободно“ е значително поголем меѓу оние кои се соочиле со економски, а не здравствени последици. Во Германија, на пример, 49% од испитаниците изјавиле дека повеќе не ги извршуваат секојдневните активности слободно.
Ова ќе влијае на кампањите на политичарите
Авторите на извештајот сугерираат дека прашањето е важно, поради значајната промена во начинот на кој политичките партии се однесуваат кон слободата по овој период на пандемија, при што многу големи партии набрзина ги прифатија мерките што ги наметнуваа централните влади, а многу популистички партии станаа полиберални.
Поради ова, се заклучува дека несогласувањата може да доведат до општествени поделби низ Европа што би можеле да ги обликуваат политиките на земјите во наредните години.
„Европа денес е континент на поделени искуства, се појавија големи поделби кои би можеле да бидат сериозни како должничката криза како последица на мигрантската криза во 2015 година“,
вели Марк Леонард, автор на извештајот и ко-основач на ЕЦФР.
Авторите велат дека истражувањето, спроведено во мај и јуни на репрезентативни примероци од повеќе од илјада луѓе, открива важни разлики и социјални тензии помеѓу и во рамки на самите земји членки на ЕУ.

Исто така, постои поделба помеѓу оние кои се соочиле со короната и оние кои не се соочиле, односно оние кои се залагаат за долгорочни ограничувања и оние кои сметаат дека граѓанските слободи мора да бидат целосно вратени. Сепак, поделбата што најмногу ги загрижува е онаа меѓу оние што веруваат во мотивите на нивните влади и оние кои не веруваат дека тие се добронамерни.