Бенџамин Глин (40) е прогласен за виновен по четири точки од обвинението за неносење маска во воз во мај и при појавувањето на суд во јули. Тој, исто така, е осуден за нарушување на јавниот ред и за употреба на заканувачки зборови упатени до јавни службеници, објави Си-ен-ен.
Судијата, исто така, му нареди на Глин да се подложи на психијатриска процена поради неговото однесување и приговорите кон судот.
Глин, кој сам се застапуваше, побара од судот во средата да ги отфрли „незаконските обвинувања“ и да му го врати пасошот за да може да се врати во Британија. Судијата одговори дека обвинетиот е „целосно во заблуда“ што смета дека е изземен од сингапурскиот закон за носење заштитна маска.
Ројтерс објави дека Глин вчера не одговорил на нивните повици и пораки. Меѓутоа, затворскиот оддел во Сингапур ги известил дека Британецот бил пуштен од затвор и дека ќе биде депортиран.
Сингапур, азискиот деловен центар, е познат по тоа што спроведува строги правила. Земјата ја држи под контрола пандемијата на коронавирусот токму поради строгата примена на законот со цел да се заштити населението. Сингапур е трет во светот по бројот на вакцинирани со 73,1 проценти.
На некои странци им се одземени работните дозволи поради кршење на правилата. Во февруари судот осуди друг Британец на две недели затвор зашто излегол од хотелската соба додека бил во карантин за да се сретне со својата свршеница.