По тридневното затишје, новата влада им нареди на своите војници насилно да ги спречат Авганистанците да се приближат до аеродромската зона во Кабул. Дописникот на Си-ен-ен јавува дека има загинати и ранети
Ситуацијата во Авганистан се уште е хаотична. Евакуацијата од аеродромот во Кабул, кој се уште е под контрола на НАТО, продолжува, но сите цивилни летови се уште се забранети.
И додека илјадници луѓе очајно се обидуваат да обезбедат транспорт од аеродромот во Кабул, а сојузници евакуираат речиси исклучиво воен и дипломатски персонал и граѓани на западните земји, талибанците со оружје се обидуваат да спречат масовен егзодус.
По тридневното затишје, новата влада им нареди на своите војници насилно да ги спречат Авганистанците да се приближат до аеродромската зона во Кабул. Дописникот на Си -ен -ен јавува дека има загинати и ранети.
„Талибанците не дозволуваат да поминеме. Ни беше наредено да останеме овде. Може да поминат само Американците, Британците и оние со зелен картон. Им кажавме дека секој ден Џо Бајден повторува дека може да дојдеме, но никој не ни се обраќа“,
вели еден граѓанин, опишувајќи ја моменталната ситуација.
Уште подраматична е ситуацијата во Џалалабад, каде талибанците пукаа кон демонстрантите кои го развеаја авганистанското знаме, барајќи почитување на човековите права. На социјалните мрежи се појави вест дека и таму има мртви и ранети.
Талибанските лидери ветија, освен што ќе ги помилуваат како што рекоа „сите предавници“, дека нема да се одмаздат, дека жените можат да бидат во владини структури, дека девојчињата можат да одат на училиште … но малкумина веруваат во тие изјави.
Поранешниот авганистански претседател Хамид Карзаи и претседателот на Високиот совет за национално помирување, Абдула Абдула, изјавија дека во понеделникот имале „корисни разговори“ со талибанците и дека во тек е дијалог за трансфер на власта.
Соборениот претседател на Авганистан, Ашраф Гани, кој во неделата ја напушти власта, доби политички азил за себе и за своето семејство во Обединетите Арапски Емирати.

Тој денеска излезе со прва изјава по бегството од земјата и објасни дека го напуштил Кабул за да спречи крвопролевање и ги отфрли извештаите дека ја напуштил претседателската палата со голема сума пари.
Гани беше жестоко критикуван од поранешните министри за напуштање на земјата кога талибанските сили во неделата влегоа во Кабул.
„Да останев ќе бев сведок на крвопролевање во Кабул“,
рече Гани во видео пораката објавена на Фејсбук, што е негов прв јавен коментар откако беше потврдено дека тој се наоѓа во Емиратите.
Гани, исто така, кажа дека ги поддржува преговорите меѓу талибанците кои ја презедоа власта во Кабул и поранешните високи авганистански функционери, додавајќи дека „преговара за враќање во својата земја од која избега“, пренесуваат француските медиуми.