Албанија, Северна Македонија и Косово го потврдија сојузништвото со САД прифаќајки бегалци од Авганистан, анализира бриселскиот портал
Албанија, Северна Македонија и Косово се првите европски земји што рекоа дека ќе обезбедат привремено засолниште за Авганистанците кои патуваат за САД, откако избегаа од освојувањето на талибанците на нивната земја.
Трите земји, како што забележува денеска бриселскиот портал „Политико“, се меѓу најсиромашните во Европа и сите три се надеваат дека на крајот ќе се приклучат на Европската Унија, иако се уште има значителни пречки пред тоа да се случи. Тоа е една од причините што тие многу се потпираат на нивната врска со Соединетите држави.
„Овие три се најпроамерикански земји во Европа, а веројатно и во светот, како според расположението кај населението, така и според усогласеноста кај политичката класа, без оглед на администрацијата што е на власт во САД.Тие ќе направат многу за да се приспособат на сите барања што може да ги имаат САД“,
рече Тоби Вогел, аналитичар во Советот за политика за демократизација, тинк-тенк со седиште во Берлин.
За Северна Македонија ова е, исто така, начин да се покаже дека го сфаќа сериозно членството во НАТО и да добие дипломатска поддршка за да ги деблокира пристапните преговори со ЕУ, се посочува меѓу другото во анализата на „Политико“.
Сите 27 земји на ЕУ, како што се потсетува, се согласија да почнат заеднички преговори за членство со Северна Македонија и Албанија во март 2020 година. Но Бугарија стави вето против членството на Северна Македонија, додека таа не признае дека нејзиниот јазик потекнува од бугарскиот јазик и не ги приспособи учебниците по историја за да одразува посилно бугарско присуство.
„Благодарноста за САД е исклучително висока, со оглед на тоа колку луѓето се разочарани и лути на ЕУ. Луѓето мислат дека САД се клучниот стратешки партнер на земјата. Целиот регион очекува значителна промена од сегашната американска администрација, во споредба со администрацијата на Трамп. Тие очекуваат Бајден да биде многу повеќе вклучен“,
вели Петар Арсовски, македонски коментатор и колумнист.