Опозициските партии ги критикуваа либералите дека распишуваат избори за време на нов бран на пандемијата, само заради сопствена политичка корист
Канадскиот премиер Џастин Трудо најави предвремени општи избори, во период кога земјата влегува во четвртиот бран на пандемијата на коронавирус.
Според испитувањата на јавното мислење, либералната малцинска влада предводена од Трудо има шанси да добие парламентарно мнозинство во овој момент.
„Канаѓаните мора да изберат како да ја добијат борбата против ковид-19,“
речде 49-годишниот либерален лидер.
Канаѓаните ќе гласаат на 20 септември, околу две години порано од редовните избори.
Опозициските партии ги критикуваа либералите дека распишуваат избори за време на нов бран на пандемијата, само заради сопствена политичка корист.
Во неделата наутро, Трудо, чии либерали ја водат земјата од 2015 година, се состана со генералната гувернерка Мери Симон за да побара таа да го распушти парламентот – барање што таа го одобри.
Во последните две години, Трудо се потпираше на опозициските партии, главно левичарската Нова демократска партија. Меѓутоа, во последните месеци тој ги обвинува опозициските партии дека го одложиле донесувањето на законите.
Со светски водечки стапки на вакцинација и подобрена перспектива за економијата на земјата, Трудо гледа можност да го врати мнозинството што гласачите му го одзема во 2019 година.