Најмалку 227 луѓе загинаа, а стотици се повредени во разорниот земјотрес што утрово ја погоди карипската држава Хаити, пренесуваат агенциите повикувајќи се на официјални претставници на земјата.
Стотици луѓе се повредени или исчезнати, објави Цивилната заштита на Хаити откако утрово, по локално време, земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел на земјата и уништи многубројни згради, домови, цркви и хотели.
Премиерот Ариел Анри рече дека земјотресот во некои делови на земјата предизвикал голема штета и прогласи едномесечна вонредна состојба.
Спасувачите и граѓаните учествуваат во извлекувањето на луѓето од урнатините и пренесување на повредените во болниците.
Цивилната заштита на Хаити за Си-ен-ен потврди дека има жртви и дека штетата е голема.
Беше издадено и предупредување за цунами, но беше повлечено еден час подоцна откако стручните служби проценија дека заканата од цунами е помината.
„Веројатно има многу жртви и катастрофалниот земјотрес погоди голема област“,
соопшти Американскиот геолошки завод (USGS).
Според извештаите на Си-ен-ен, една од локалните болници потврдила дека е полна со пациенти.
„Доаѓаат многу луѓе, многу луѓе. Немаме доволно резерви“,
рекол администраторот на болницата „Сент Антоан“ за Си-ен-ен наведувајќи дека управата поставила шатори во дворот на болницата.
Портпаролката на Црвениот крст на САД, Кети Вилкис, рече дека има извештаи за значителна штета на куќи, патишта и инфраструктура.
Хаити сѐ уште закрепнува од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 200 000 луѓе, што нанесе голем удар врз инфраструктурата и економијата, пишува Би-би-си.
Експертите предупредуваат дека по првиот се очекуваат помали земјотреси и се плашат дека зградите и куќите оштетени во првиот потрес може дополнително да се оштетат.