Руски противпожарен авион, кој бил изнајмен од Генералната управа за шуми на Турција, се урна во планинска област во јужна Турција, објавија турските државни медиуми.
„Комуникацијата со него се прекина кратко по почетокот на гаснењето. По полнењето вода, авионот не можеше да ја добие саканата висина и се урна во карпите“,
ја пренесува РИА новости изјавата на руското Министерство за одбрана.
Од Министерството велат дека во авионот „Б-200“ имало пет руски војници и тројца државјани на Турција и дека се стравува дека во несреќата нема преживеани.
Новинската агенција ДХА објави дека авионот се урнал додека се борел со шумски пожар во внатрешноста на областа Бертиз и дека засега не е позната причината за несреќата.
Гувернерот на Караманмараш, Омер Фарук Јоскун, изјави за Анадолија дека пожарот започнал кога гром удрил во дрвја.
„Испративме авион во таа област, но пред извесно време го загубивме контактот со авионот и тој се урна. Испративме многу единици во областа каде што се урна авионот“,
рече гувернерот.
Шумските пожари во Турција започнаа кон крајот на јули и зафатија илјадници хектари шума, главно во крајбрежните провинции Мугла и Анталија.
Турскиот министер за шуми Бекир Пакдемирли во четвртокот рече дека во изминатите 16 дена 299 пожари се ставени под контрола, а во борбата против нив учествувале пожарникари, хеликоптери и авиони.
Осум лица загинаа во пожарите што избија по продолжениот топлотен бран што го зафати целото медитеранско подрачје.