Очекувањата се лекот да ја забави прогресијата на коронавирусот од блага во тешка форма и да спречи хоспитализација
Израел е при крај со тестирањето на лек против ковид-19, кој ако се земе брзо по заразувањето би ја спречил прогресијата на болеста.
Професорот Јозеф Карако од Медицинскиот центар на Универзитетот Хадаш изјави дека се регрутирани околу 50 проценти од потребните пациенти за последната трета фаза од испитување на лекот развиен од Американците, а кој може да донесе промена во борбата против коронавирусот, пренесува „Ерусалим пост“.
Карако рече дека неговиот тим неодамна го заврши својот дел од успешното испитување во втората фаза на орално достапниот кандидат за антивирусни лекови „Молнупиравир“. Очекувањата се лекот да ја забави прогресијата на коронавирусот од блага во тешка форма.
Студијата беше спроведена во 80 медицински центри низ целиот свет, вклучувајќи околу 300 пациенти со блага или умерена форма на коронавирус. Некои примаа „Молнупиравир“, а други плацебо.
Генералниот заклучок од оваа фаза е дека пред се лекот е безбеден.
„Не забележавме ништо необично. Исто така, видовме дека кај оние кои се третирани со овој лек е помала веројатноста да бидат хоспитализирано отколку оние кои примале плацебо“,
рече Карако.
Тој посочи дека лекот има потенцијал да спречи хоспитализација ако се даде на лесни до умерени пациенти, особено ако се дава рано во текот на болеста.