Тој данок сепак, би ги оставил милијардерите со 55 милијарди американски долари повеќе отколку што имаа пред пандемијата, се вели во анализата
Секој возрасен човек во светот би можел да добие вакцина против ковид-19 доколку богатството што милијардерите го собраа за време на пандемијата само еднаш се оданочи со 99%, пренесува Гардијан, повикувајќи се на анализа изработена од глобалното движење против сиромаштија „Оксфам“, Алијансата за борба против нееднаквост, Институтот за политички студии и „Патриотски милионери“.
Во анализата се додава дека овој еднократен данок што ќе опфати 2 690 милијардери во светот, исто така, може да покрие 20 000 американски долари во готово за сите невработени работници. Тој данок сепак, би ги оставил милијардерите со 55 милијарди американски долари повеќе отколку што имаа пред пандемијата, се вели во анализата.
Морис Перл, поранешниот директор на корпорацијата „Блекрок“ вели дека земјите повеќе не можат да го поднесат „порастот на глобалното богатство на милијардерите, бидејќи милиони луѓе ги загубија животите и егзистенцијата“.
Перл кој сега е претседател на „Патриотски милионери“ (група создадена од богати луѓе кои поддржуваат повисоки даноци за богатите), рече дека владите историски ги користеле даноците на богатство по кризите за да им помогнат на заедниците да се обноват.
„Нашите економии се гушат од овој собран ресурс што може да послужи за многу поголема цел. Милијардерите треба да ја искашлаат таа готовина и владите треба да ги натераат да го сторат тоа со оданочување на нивното богатство“,
вели Перл.
Анализата користеше податоци од финансиското списание „Форбс“, кои покажаа дека милијардерите го зголемиле своето богатство за 5,5 милијарди долари од 18 март 2020 година до 31 јули 2021 година. Зголемувањето во текот на овие 17 месеци било поголемо од 5,4 милијарди долари што милијардерите ги собрале во текот на 15 години во периодот од 2006 до 2020 година, се додава во анализата.
Се проценува дека две дози од вакцина против ковид-19 за 5 милијарди возрасни луѓе би чинеле околу 70 милијарди долари.
Околу 30% од светското население примиле прва доза на вакцината против ковид-19, но само 1,2% од луѓето во земјите со ниски приходи ја примиле првата доза.