Во извештај од охридските преговори на 28 јули 2001 г. на ТВ „А1“, Александар Чомовски поентираше – „тие тогаш (претседателите на шесте републики од Југославија во 1991 г.) се договорија да не се договорат“. Индиректната порака беше – Југославија се распадна, ќе се случи ли истото и со Македонија
Како што растеа шансите за политичка разврска, така растеше нервозата на терен – на двете страни
Се сеќавам дека додека од хотелот „Инекс Горица“ брзав да стигнам на репортерското место кај хотел „Парк“ по пат се сретнав со делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ. Негираа дека ставиле параф, иако подоцна стана јасно дека, всушност, се враќале од вилата „Билјана“ непосредно откако ги ставиле своите иницијали на Рамковниот
автор: Васко Попетревски
Како вчера да беше… На вклучувањето во вестите на телевизија „А1“ чекав 15-20 минути, иако требаше да јавам важна работа од Охрид. По неколку месеци преговори беше парафиран политички договор, со кој се унапредуваа правата на албанската етничка заедница и кој влеваше надеж дека ќе запрат крвопролевањата во западниот и северозападниот дел од земјата. Во нормални околности тоа би била прва вест, но…
„Сухои“ на плажа
Како млад репортер во ТВ „А1″, кон крајот на јули 2001 година, користев годишен одмор. Атмосферата во државата не беше баш за опуштање и релаксирање, но, сепак, неколку дена поминав на брегот на Охридското Езеро. Никогаш нема да ми избледнеат сликите од „сухоите” во низок лет над охридските плажи. Претпоставувам дека требаше да демонстрираат оти државата има контрола над целата своја територија. Можеби така беше од небо, но не и на земја.
Никогаш нема да ги заборавам ниту јавувањата на колегата од „А1“, Александар Чомовски, тие денови од Охрид. Таму, во владините вили, беа изолирани претседателот Борис Трајковски, лидерите на четирите најголеми партии – Љубчо Георгиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Бранко Црвенковски (СДСМ), Арбен Џафери (ДПА), Имер Имери (ПДП), олеснувачите Џејмс Пердју (САД) и Франсоа Леотар (ЕУ), со свои тимови, во обид да стигнат до политичко решение за воениот конфликт.

Секоја вечер во 19 часот со нетрпение ги чекавме извештаите на Чомовски за да слушнеме како течат преговорите и дали има надеж за мир. Меѓу работите што засекогаш ќе ги паметам е и една сентенца од неговото прво јавување од Охрид. Потсетувајќи дека во истата вила „Билјана“, во која се одвиваа охридските преговори, во 1991 година се одржа средба на тогашните претседатели на шесте југословенски републики, Чомовски поентираше – „тие тогаш се договорија да не се договорат“. Индиректната порака беше – Југославија се распадна, ќе се случи ли истото и со Македонија?!
„Ахметовизија“
„А1“ беше гледана, а со тоа и моќна медиумска куќа во тоа време. Имаше огромно влијание во креирањето на јавното мислење и кај Македонците и кај Албанците. Ја следеше имиџ на редакција што се залага за мирна разврска на кризата. Најверојатно, поради тоа Скопје беше преплавено со графити „А1 = Ахметовизија“. Не знам дали ќе беше така ако македонските националистички кругови ја знаеја вистинската атмосфера во редакцијата.
Со целосна ограда дека ова е мое лично гледиште на работите внатре, но мислам дека сум во право кога тврдам дека тие што успеваа да бидат прво новинари, а потоа Македонци и христијани (што во такви услови е исклучително тешко), беа малцинство, а најголемата заслуга за впечатокот дека „А1“ е на страната на мирот беше на главниот уредник Ацо Кабранов. Еве само неколку илустрации. За прилог во вестите на тема „амнестија за припадниците на ОНА“ добив забелешка од колега од редакцијата дека не сум „албанофил“, туку „шиптарофил“. Тој сметаше дека не можело толку „ладно и со дистанца“ да се известува за таква тема.

Или уште повпечатлив е примерот кога во фазата во која Али Ахмети веќе ја беше сменил воената униформа со цивилен костум и вратоврска, уредникот Кабранов најави дека тој (Ахмети) доаѓа на интервју во „А1“. Речиси и да се испразни редакцијата на „Ахметовизија“, а Кабранов утредента, со широка насмевка, соопшти дека само се шегувал и оти сакал да види кој ќе остане да се поздрави со Ахмети, а кој ќе побегне.
Илинденско интермецо
Извештајот на Чомовски на 1 август 2001 година од Охрид дека шефот на државата и лидерите на четирите партии, со помош на меѓународните олеснувачи, стигнале до решение за употребата на албанскиот јазик, ме дочека во родната Струмица. Таму заминав по неколкуте дена поминати на плажа во Охрид. И додека планирав кога да се вратам во Скопје, добив телефонски повик од Кабранов.
Откако објавија дека се договориле за јазикот, политичките лидери си дадоа пауза за Илинден и се договорија повторно да се соберат во Охрид од 3 август. Кабранов побара од мене да заминам за Охрид и да известувам од продолжението на политичките преговори. Не можев да речам – не. Новинарскиот предизвик беше огромен. Кога од денешна дистанца ја анализирам оваа негова одлука, не можам, а да не кажам дека била храбра, па дури и ризична. Зашто имав само 25 години, а секој јавно изговорен збор на моќната „А1“ можеше да ги помести процесите во една или во друга насока. На терен се водеше војна и гинеа луѓе.
Солана во Охрид
По јазикот, следната (последната) жешка тема на охридските преговори беше полицијата. Ќе има ли т.н. локална полиција, која би била под целосна контрола на локалните власти, кои би биле нејзините ингеренции; ќе има ли помасовен прием на Албанци во полицијата за да почнат да ја чувствуваат за своја; колкумина, во колку наврати и под кои околности би биле вработени? Ова беа дел од дилемите на преговарачката маса во вилата „Билјана“.
Лидерите и олеснувачите не успеаја сами да стигнат до договор за ова прашање. Затоа, на 5 август 2001 година на охридскиот аеродром слета тогашниот шеф на дипломатијата на ЕУ, Хавиер Солана. ЕУ, НАТО и САД, кои веќе беа значајно вложени за да превенираат ново крвопролевање од размерите на југословенските војни од почетокот на 90-тите години, знаеја дека договорот е на дофат, но и дека преговорите лесно може да се лизнат во бездна ако не помогнат да се изодат последните метри од процесот. Сакајќи да прати порака дека воено решение не е можно, Солана тој ден во Охрид дојде со Анатолиј Зленко, тогашниот шеф на дипломатијата на Украина, држава што воено најмногу ја помагаше Македонија.

По целодневни преговори, на вечерната прес-конференција во хотелот „Инекс Горица“, Солана објави: „Затворивме уште едно проблематично прашање и мислам дека сме многу блиску до финален договор“. Солана и беше и не беше во право.
Нервоза пред договор
Како што растеа шансите за политичка разврска, така растеше нервозата на терен. На двете страни. Претседателот Трајковски, кој понесе огромен товар од конфликтот на свој грб и, реално, е еден од најзаслужните за политичкото решение на крајот, тие денови беше под притисок (од еден свој надворешен советник) да демонстрира и воена одважност и, на пример, да ѝ нареди на Армијата да го исчисти (од припадници на ОНА) патот од Тетово до Јажинце. Тогашниот закон предвидуваше дека врховниот командант, во случајот Борис Трајковски, командува со војската преку министерот за одбрана, во случајот Владо Бучковски. Бучковски, кој беше на истата вредносна страна со претседателот Трајковски, ја имаше ставено наредбата во фиока, затоа што, најверојатно, сметаше дека нејзино спроведување може да ги усложни работите.
„А1“ објави за ова, а Трајковски итно свика седница на Советот за безбедност во вилата „Билјана“. Се сеќавам дека Бучковски дојде на седницата со хеликоптер. Само што слета хеликоптерот, уредникот Кабранов побара од мене да му се јавам на министерот за одбрана и да го поканам да гостува „во живо“ во вестите на „А1“ од нашата линковска позиција кај хотелот „Парк“. Го побарав Бучковски, ми се јави, културно го ислуша моето барање и ми одговори: „Јас не доаѓам, а ти препорачувам наместо мене во вестите да си го викнеш Љубомир Фрчковски“. Алузијата беше дека и зад наредбата на Трајковски и зад нејзиното протекување во јавноста стои Фрчковски. Дали беше така, знае Кабранов.

„Ликвидацијата“ на Тели
Откако беа затворени темите за јазикот и за полицијата, остануваше да се усогласи динамиката на договорените уставни и законски измени со предвиденото разоружување на ОНА. Дали прво ОНА ќе го положи оружјето, па Собранието ќе ја почне процедурата за усвојување на уставните амандмани или обратно.
И додека во „Билјана“ се преговараа овие „финеси“ (користам наводници зашто хроничарите сигурно ќе се сетат на улогата што подоцна во собраниската процедура ја имаше Стојан Андов, на неговата одлука да ги снима на магнетофон „ленташ“ средбите со Џорџ Робертсон…), на 7 август 2001 г. стигна вест дека полицијата, под команда на тогашниот министер Љубе Бошкоски, убила петмина припадници на ОНА во Чаир, на чело со командант Тели. Околностите на акцијата до ден-денес се мистерија, но она што беше сосема јасно е дека убиството на Тели можеше да го урне политичкиот процес во Охрид. Особено индикативен беше начинот на кој вечерта на 7 август за овој настан известуваше МТВ – еуфорично, триумфалистички, користејќи термин „ликвидација“, на темата ѝ беа отстапени цели 15 од вкупно 30 минути, колку што вообичаено трае централниот „Дневник“. Љубчо Георгиевски седеше на преговарачката маса во Охрид, но сите знаеја дека тоа го прави неволно.
Карпалак
Одмаздата за Тели стигна веќе следното утро на 8 август 2001 г. ОНА, во заседа кај Карпалак, нападна воен конвој и уби десетмина армиски резервисти. Нов сериозен удар за преговорите во Охрид.
Препрочитувањето на статијата за текот на охридските преговори што во 2004 г. заеднички ја потпишавме со Ветон Љатифи, која е дел од книгата за конфликтот во Македонија во издание на Институтот за воено и мирнодопско известување, ми ги освежи сеќавањата за атмосферата во Охрид тој ден. На дел од работите сведочев лично, а дел ги пренесоа учесници во процесот. Текстот на договорот е усогласен, но никој не ни помислува на потпишување. Трајковски одбива дури и да се сретне со меѓународните олеснувачи, иако сите се во ист објект. ВМРО-ДПМНЕ објавува дека го замрзнува учеството во преговорите. Претставниците на ДПА и на ПДП се плашат како ќе се вратат – едните за струшко, другите за Тетово зашто по пат ги очекуваат контроли на безбедносните пунктови.
Иницијализација
И во такви околности, олеснувачите Пердју и Леотар сметаат дека политичкиот процес е без алтернатива и решаваат да им дадат пенкало на претставниците на ДПА и на ПДП за да стават параф на договорот. Тие првично одбиваат, но по консултации со централата на ОНА во Шипковица, сепак, ги ставаат своите иницијали на документот. „Ројтерс“ (Ана Петрушева) прв јавува дека во Охрид почнала иницијализација на Рамковниот договор. Подоцна договорот го парафираат и од СДСМ. Наспроти објавата дека го замрзнуваат учеството, параф ставаат и од ВМРО-ДПМНЕ.

Се сеќавам дека додека од хотелот „Инекс Горица“ брзав да стигнам на репортерското место кај хотел „Парк“ по пат се сретнав со делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ. Негираа дека ставиле параф, иако подоцна стана јасно дека, всушност, се враќале од вилата „Билјана“ непосредно откако ги ставиле своите иницијали на Рамковниот.
На вклучувањето во вестите на „А1“ чекав 15-20 минути, иако требаше да јавам важна работа – по неколку месеци преговори беше парафиран политички договор, со кој се унапредуваа правата на албанската етничка заедница и кој влеваше надеж дека ќе запрат крвопролевањата во западниот и северозападниот дел од земјата. Во нормални околности тоа би била прва вест, но настанот кај Карпалак, разбирливо, го имаше приматот.
Во тој момент никој не беше свесен за историјата што тој ден беше испишана во Охрид.