Пожарот кај селото Богословец во Свети Николе сè уште е активен и со истиот опожарени се бор, нискостеблеста дабова шума и смрека
Пожар има и во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Прилеп и се наоѓа на непристапен терен
Пожарите во Делчево, Пехчево, Свети Николе, Штип, Прилеп, Куманово, Валандово и Радовиш се сè уште активни, повторно гори и во Гостивар, додека пак пожарот кај Сарај е ставен делумно под контрола, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за состојбата со пожарите до 14 часот.
Во Делчево сè уште е активен пожарот во атарот на селото Нов Истевник и е во дијаметар од 15 километри, а опожарени се околу 1 000 хектари. Во овој момент, најкритично е кај Света вода, меѓу селата Тработивиште и Разловци.
Интервенираат 60 припадници на Армијата, 22 припадници на МВР, ЕБР, единицата Тигри со 24 припадници, на терен се и од шумското сотпанство „Голак“, пожарникарските екипи од Делчево и Македонска Каменица, припадници на гранична полиција, волонтери од Црвен крст, како и пожарникари од Бугарија.
Во Пехчево, пожарот на местото викано Бајаз Тепе пожарот е раширен кај селата Робово, Умлена и Чифлик. Опожарена е високостеблеста дабова и борова шума, нискостеблести растенија, смрека, стрништа и пасишта.
„Поради силината на ветерот пожарот го префрли регионалниот пат Берово-Делчево и се движи накај селото Црник. Патниот правец е забранет за движење. Противпожарна екипа од Словенија е распоредена во атарот на селата Црник и Негрево. Интернивенираа и хеликоптери. Пожарот околу село Црник е ставен под контрола, а на терен е месното население заради контрола околу селото. Во моментот пожарот е и над селото Мачево, каде има распоредено екипи“,
информираат од ЦУК.
Пожарот кај селото Богословец во Свети Николе сè уште е активен и со истиот опожарени се бор, нискостеблеста дабова шума и смрека. Активен е и пожарот кој од селото Богословец се префрли кон селата Криви Дол и Добришани во Штип. Кракот кон селото Добришани под дејство на ветрот го има сменето правецот и се движи кон река Брегалница. Кракот кој гори во близина на магацините на АРСМ во селото Криви Дол е под контрола на 30 војници и се работи на негово локализирање. На опожарените локации кај Свети Николе интервенираат и протипожарни екипи со теренски возила.
Пожар има и во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Прилеп и се наоѓа на непристапен терен. Пожарот во атарот на селата Дрен и Смолане е исто така активен и со јак интензитет. Постои опасност да биде зафатена и борова шума.
„На двата пожари вкупно интервенираат противпожарни екипи од Прилеп со 10 пожарникари со две теренски возила, 32 војници на Армијата, шумското стопанство со седум вработени и едно возило, а на терен се и вработени од Водовод и Канализција и ЈП Комуналец. Од страна на ЕЛС Прилеп побарана е и воздушна подршка“,
велат од ЦУК.
Активни пожари има и во Кумановско, Валандово и Радовиш каде се распоредени противпожарни екипи.