Сѐ уште не се знае дали идната влада ќе ја има поддршката од потребното парламентарно мнозинство. Потенцијалните партнери очекуваат прво да ги видат кадровските решенија. Во меѓувреме, критичарите и опонентите се обидуваат да чепкаат низ профилот на мандатарот и откриваат дека и професионално и приватно има блиски релации со социјалистите
Четириесет и две годишниот правник, Петар Илиев, најверојатно ќе биде човекот кој во 16 часот ќе го прими мандатот од претседателот на Бугарија Румен Радев и формално ќе стане кандидат за иден премиер.
„360 степени“ пред неколку дена објави дека тој е фаворитот на Слави Трифонов и на неговата партија „Има таков народ“, иако никој оттаму до моментот на објавување на текстот ниту ја потврдува ниту ја демантира оваа информација. Велат, ќе го разберете името кога ќе видите кој е на пат кон кабинетот на Радев.

Никој не дава бланко-поддршка, сакаат прво да го видат составот
Во секој случај, сѐ уште е нејасно дали тој ќе добие шанса да ја води идната бугарска влада, со оглед на разногласието кое владее меѓу потенцијалните партнери кои треба да гласаат за него и за неговиот кабинет.
Иако преговорите течеа коректно и се очекуваше тие да придонесат да се дојде до посакуваното мнозинство во парламентот, ниту една од партиите на кои смета „Има таков народ“ не дава бланко поддршка и ќе чека да го види кадровскиот состав. Тоа денеска го нагласија дури и од Бугарската социјалистичка партија, која според впечатокот е најзаинтересирана да биде партнер на идната влада. Дополнително, комуникацијата околу кадрите се вжешти по вчерашната размена на вербални „рафали“ со претставниците на „Демократска Бугарија“ и „Исправи се“ кои инсистираат во идната влада да бидат членови службените министри за финансии Асен Василев и за економија Кирил Петков, а од партијата на Слави не само што одбиваат, туку и ги обвинија за нечесно работење и сторени злоупотреби во минатото.
„Нема да дозволиме да бидеме притиснати до ѕидот и да гласаме за каков било состав на владата. Прифаќаме да немаме свои министри ама не можеме да прифатиме да не бидеме засегнати за тоа кои луѓе ќе треба да бидат членови на кабинетот“,
вели копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов.
Маја Манолева од „Исправи се“ изјави дека сега сета одговорност е во рацете на „Има таков народ“.
„Ние не сакавме да имаме министри, функции, да предлага луѓе за во владата. Тоа ќе биде малцинска влада. Нашите 13 гласа не се решавачки, но мора да видиме кои се предложените решенија. Се надеваме дека ќе биде предложен Кабинет кој ќе одговара на волјата за промени, изразена на изборите. Ако почуствуваме обид тоа да не се случи и да биде измамена волјата на бугарскиот народ изразена и на изборите и на протестите, ние адекватено ќе реагираме“.
вели Манолева.
На Петар Илиев му се забележува за релациите со БСП и за функцијата почесен конзул на Барбадос
Кулоарите и политичкото подземје ширум го отвараат „плакарот“ на Илиев за да се излезат на виделина „костурите“ кои висат внатре. Најмногу му се забележува на блискоста со бугарските социјалисти, со оглед дека тој со неговата адвокатска канцеларија биле советници на пратеничката група на БСП во последниот мандат на Борисов како премиер.
Но, освен професионален ангажман, со социјалистите тој имал и приватни релации, бидејќи е зет на еден од најблиските соработници на лидерката Нинова, Пламен Червенјаков.
Врската со нив ја надополнува и фактот дека таткото на Илиев во ерата на социјализмот бил професор на Полициската академија на отсекот „Државна безбедност“.
Исто така, неговите опоненти и критичари како голем минус го сметаат неговиот дипломатски статус како почесен конзул на Барбадос, земја која до неодамна беше и на црната листа на ЕУ како даночен рај за корумпирани политичари и бизнисмени со сомнителен капитал.
„Тој се решил да и служи на туѓа држава. Недолично е сега тој да бара да биде нешто во бугарската држава. Таа е наша татковина и ние во принцип не треба да допуштаме луѓе кои преземале обврски кон други држави да бидат ангажирани во нашата. А, посебно кога станува збор за Барбадос. За да се биде почесен конзул треба да се исполнуваат одредени формални обврски кон таа држава. А, кој знае што тој требало или ќе треба да стори кога станува збор за една ваква егзотична дестинација а уште пострашни се претпоставувам, неформалните задолженија,
изјави Румен Петков, лидер на АБВ, партијата чиј идеолог е поранешниот претседател на Бугарија, Георги Прванов.