Битката за државјанство е добиена, напиша Зијадин Села на фејсбук
Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство. За измените и дополнувањата се изјаснија вкупно 89 пратеници, од кои 57 „за“, 32 „против“ и ниту еден „воздржан“.
Со измените на законот треба да се реши статусот на луѓето од поранешните југословенски републики кои до денот на прогласување на независноста живееле во земјава. Тие ќе треба да добијат државјанство во рок од три години по стапувањето во сила на Законот.
Претходно, во расправата по предлог-измените и дополнувањата на Законот, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, рече дека на ова прашање не треба да се гледа како проблематика која ја опфаќа етничката припадност, туку треба да се гледа правно.
„Во интерес на сите граѓани е да се донесе законско решение кое ќе може да ги реши проблемите на лицата кои се засегнати со оваа проблематика и ќе ги гарантира сите уставни и правни норми на државата“,
рече Стојановски.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, забележа дека законот на пленарна седница стигнал со кршење на Деловникот, на сите практики и процедури.
„Комисијата за европски прашања повторно демонстрираше неевропски вредности. Со европско знаменце, по скратена постапка, Законот за државјанство беше протуркан со прекршена деловничка процедура. Иако законот беше прво предложен од една политичка партија и беше ставен на Комисијата за безбедност и одбрана, тој одеднаш осамна како владин предлог. Предлагачот, Владата заборави дека претходно го критикуваше законот, за подоцна критикуваните решенија да ги претстави како свои“,
рече Панова.
На пратеничката Панова и реплицираше пратеникот на Алијанса за Албанците, Халил Снопче, кој рече дека на говорницата се пласираат дезинформации.
„За жал, вие не сте го прочитале Законот. Вие кажувате само со еден документ може да се земе државјанство. Се работи за околу 15 документи и да појасниме за јавноста, тоа се однесува за лица кои до 1990 живееле во државата, а кои потоа го изгубиле државјанството. Еден период имале југословенско државјанство, а потоа го изгубиле. Затоа се тие документи Панова“,
рече Снопче.
По усвојување на Законот за државјанство, претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на фејсбук објави дека „битката за државјанство е добиена“.

“Битката за државјанство е добиена! Илјадници Албанци и секој граѓанин чие основно право на достоинствен живот е повредено, повеќе нема да бидат третирани како странци во оваа земја!Големите победи за нас се оние победи што носат достоинство и благосостојба на оние што не избираат, нашите граѓани, нашиот народ. Заедно, со оваа решителност и работа, ќе забележиме и други успеси.Честитки до колегите пратеници од пратеничката група на Алијанс за Албанците и Алтернатива за сите напори во оваа победа”,
напиша Села.
Донесувањето на Законот за државјанство дојде по договорот меѓу Владата и коалицијата Алијанса и Алтернативна, на кој му претходеше блокада на Собранието.