Од Kоалицијата „Менуваме“ нагласија дека доколку не бидат исполнети нивните барања ќе продолжат со протести
Од МТСП пак, уверуваат дека голем дел од барањата се дел од агендата и приоритетите на кои Министерството веќе работи во директна соработка со претставници на лицата со попреченост
Претставници на лицата со попреченост од Коалицијата „Менуваме“ изразија незадоволство по денешната средба со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Велат дека за сите нивни барања добиле само ветувања, без конкретни рокови за реализација.

„Не се усогласивме. И би сакал од тука да кажам: Министерке , г-ѓо Јагода Шахпаска заврши времето „ќе“, „ќе“.. Туку едноставно , сега веднаш во интерес на лицата со попреченост, да се остварат нашите права!”,
изјави Суарет Алишан од коалицијата „Менуваме”.
Тој потсети на дел од нивните барања – зголемување на додатокот за лица со попреченост од 7200 на 12 000 денари, ангажирање лични асистенти кои ќе бидат вработени и со пензиско осигурување, формирање дневни, ресурсни и центри за рехабилитација, организирање превоз за лицата со попреченост, регистар на ниво на држава, старосната граница од 26 години за остварување на права од социјална и здравствена заштита да се симне на 18, како и границата во однос на луѓето кои треба да користат ортопедски помагала.
Од Kоалицијата „Менуваме“ нагласија дека доколку не бидат испонети нивните барања ќе продолжат со протести.
Од МТСП пак, велат дека голем дел од нивните барања се дел од агендата и приоритетите на кои Министерството веќе работи во директна соработка со претставници на лицата со попреченост.
Од таму информираат дека на денешната средба, министерката Шахпаска информираше дека во однос на барањето за зголемување на надоместокот заради попреченост предвидено е покачување на износот за најмалку 15 проценти, но поради пандемијата со ковид-19 неговата реализација беше пролонгирана. Покачувањето на овој надоместок ќе се планира во буџетот за наредната година, велат од МТСП.

За потребата на поголема инклузија и вработување на лицата со попреченост, Шахпаска информираше дека во тек е проект за унапредување на пристапот на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, се разгледуваат искуства од другите земји, а отворена е и јавна расправа во која ги повика да се вклучат и претставниците од Коалицијата „Менуваме“.
За потребите за унапредување на состојбите со личната асистенција, додаваат од Министерството, Шахпаска информираше дека со измените на Законот за социјална заштита зголемена е достапноста на правото за користење на личната асистенција и за децата од шест години за што се обебзедени 200 дополнителни асистенти.
Министерката уверува дека се работи и на отворање на дневни центри во Липково и Делчево, во Чашка, во Боговиње, а се работи и на проект за дневен центар за деца со аутизам во Скопје.
Во однос на барањето за симнување на границата за деца со попреченост од 26 на 18 години за остварување на права од социјална и здравствена заштита, министерката Шахпаска, оцени дека станува збор за легитимно барање за кое Министерството ќе изготви анализа за влијанието на оваа промена врз правата на овие лица во сите сфери.