По Извештајот на Стејт департментот, во кој се укажува дека корупцијата е постојан проблем во земјава, дека закони има, ама власта гони само критичари и престапници од ситен калибар, премиерот Зоран Заев вели дека анализата е валидна, но корупција нема во високите ешалони од власта.
Тој вели дека по сите анализи и извештаи кои досега се направени е утврдено дека корупцијата е на трето ниво, односно кај административните службеници.
„После сите анализи, нам ни е јасно нивото на корупцијата на трето ниво, таму каде граѓаните шалтерски допираат – имотен лист, решение за градба и слично и ќе го промениме тоа. Посебно, дури и Стејт Департментот ја поздравува дигитализацијата каде што буквално субјективниот фактор на одлучување на административно ниво ќе се замени со компјутер, ќе може да се ‘бајпасира’ тој субјективен фактор на административниот работник кој е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација“,
кажа Заев и посочи дека анализите на стратешките партнери се важни и оти можеме да учиме од ваквите извештаи.
Премиерот смета дека вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, не треба да понесе одговорност оти, неговиот ресор, според Заев, може само да помогне на останатите независни институции.
„Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон не е препознаена корупција. Значи, таа не е пронајдена кај министрите, кај директорите, пронајдена е по анализата системски, тоа значи во делот на административното функционирање на јавните институции. И затоа поставивме потпретседател на Влада, меѓу другото, задолжен за борба против криминалот и корупцијата и девет, десет месеци се работи на таа тема со ваков фокус. Институциите што постојат и досега, како независните институции – ДКСК, Државен завод за ревизија, Јавното обвинителство, правосудството, може да бидат само помогнати од овој ресор затоа што дефинитивно ние сме телото, односно јавниот сектор е телото каде што независните институции го прават мониторингот за борбата против криминалот и корупцијата. Ова како воспоставено решение на потпретседател на Влада за борба против криминалот и корупцијата е наша решителност уште повеќе да дадеме ефекти“,
кажа Заев.