Предлог-измените предвидуваат усогласување на личните карти со новото уставно име и со Законот за употреба на јазиците
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и нејзината коалиција, со процедурални забелешки ја одложиле, како што велат од партијата, тензичната расправа за законот за лични карти што се одвивала на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедници.
„Со процедурални забелешки силно се спротивстави на самоволието на спикерот Талат Џафери за неделовничкото одбивање на амандманите и успеа да ја одложи најавената комисиска расправа за законот за лични карти. Тензичната атмосфера на комисијата беше буквално разбиена со аргументираните забелешки на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Власта немаше аргументи и ја одложи седницата. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се спротивставува со сите демократски средства кои ни стојат на располагање“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата на Комисијата за политички систем, на која требаше да се расправа за измените на Законот за личните карти, денеска имаше три одложувања. Најгласен против нејзиното одржување беше пратеникот Димитар Апасиев. Се закани дека ќе направи инциденти бидејќи претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги вратил амандманите на „Левица“ за измените на законот како неуредни.
Предлог-измените на Законот за лични карти минатата недела беа пуштени во собраниска процедура. Тие предвидуваат употреба на новото уставно име. Според предлогот, личните карти кои го содржат натписот „Република Македонија, ќе важат до истекот на рокот кој е наведен во нив, но најдоцна до 12 февруари 2024. Ова се предлага со оглед дека рокот за стапување на сила на уставните измени е пет години откако тие стапиле на сила.
Измени опфаќаат и усогласување на личните карти со Законот за употреба на јазиците. Тоа значи, дека граѓаните кои зборуваат на јазик што го користат најмалку 20 проценти (во случајот албански), по службена должност личните карти ќе се печатат и издаваат и на тој јазик, покрај македонскиот. Досега, вакви лични карти се издаваа само по барање на граѓани.
За оние граѓани кои зборуваат на јазик што го користат помалку од 20 проценти, пак, се предвидува покрај на македонски, личните карти да се издаваат и на нивниот мајчин јазик, но на нивно лично барање.
