На последната владина седница поминале неколку нови имиња за амбасадори, соопшти шефот на дипломатијата, но за нив сè уште се чека да се произнесе и од претседателот Стево Пендаровски
Пет амбасадори не можат да бидат испратени на должноста затоа што не се одржува Комисијата за надворешни работи во Собранието, каде што тие ќе ги презентираат своите тези и очекувања, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, обвинувајќи ја опозицијата која претседава со ова тело.
„Пет амбасадори чекаат затоа што не се поканети 15 минути во Собрание да ги презентираат своите тези и очекувања и утредента да бидат упатени дали во Рим или во други важни градови во светот. А тие се важни амбасади, кои стојат празни“,
рече Османи.
Тој потенцира дека улогата на Парламентот не е законска обврска, туку повеќе е политичка волја на институциите за да се слушне мислењето и на опозицијата.
„За жал, опозицијата продолжува да биде пречка. Иако имавме пробив со две групи на амбасадори, сега петмина сè уште чекаат“,
рече шефот на дипломатијата.
Во однос на амбасадорското место во Бугарија, министерот вели дека меѓу МНР, премиерот и претседателот во тек се разговори за неколку имиња.
Османи информираше и дека на последната владина седница, поминале и неколку нови решенија за амбасадори, но, како што рече, тие „не можат да бидат контактирани“ сè додека за нив не се произнесе и претседателот на државата.