НАТО членките се во потрага по нов Генерален секретар зашто мандатот на актуелниот шеф на Алијансата истекува догодина
Во седиштето на НАТО во Брисел веќе почнаа разговорите за тоа кој ќе го наследи Јенс Столтенберг на врвната позиција. Поранешниот норвешки премиер си заминува во 2022 година откако во 2 мандата, од 2014, беше на чело на Алијансата.

Според информациите на Политико, името на новиот Генерален секретар ќе се утврдува напролет или идното лето, а истовремено во интензивните дипломатски комуникации се погласни се дебатите дека по 72 години на НАТО му треба промена – да назначи жена на највисоката цивилна функција. Дополнително, во одредени кругови се пласира иницијативата изборот за шефица на НАТО да се фокусира на земјите од Југоисточна и Источна Европа како јасен сигнал што треба да се прати до агресивната Русија и властодршците во Кремљ.
Анализата на Политико е дека во ваква констелација на односи три имња се наметнуваат како можни кандидатки – поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, екс-претседателката на Литванија, Далиа Грибаускаите и актуелната шефица на естонската држава, Керсти Каjулаид.
Грабар-Китаровиќ, која од 2015 до 2020 година беше прва жена претседател на Хрватска, има предност зашто веќе работела во седиштето на НАТО како помошник-генерален секретар за јавна дипломатија во периодот од 2011 до 2014 година. Иако има темни петна од претседателската функција, таа сепак може да се пофали со едно од најимпресивните резимеа меѓу потенцијалните шефици на НАТО, работејќи и како хрватска министерка за Европа и како министерка за надворешни работи. Таа одигра важна улога во успешните апликации за членство на земјата во ЕУ и НАТО. Таа служеше и како амбасадорка на Хрватска во САД од 2008 до 2011 година, дополнително заврстувајќи ги односите со клучната НАТО членка, Америка.

Друга дипломатска струја, како што наведува Политико, смета дека избор на Генерален секретар од Балтикот, особено Грибаускаите од Литванија, може да се смета за премногу непријателски чин кон Москва токму во период кога американскиот претседател Џо Бајден се обидува да ги стабилизира односите меѓу Русија и Западот.

Другата можна кандидатка, Керсти Кајулаид исто така доаѓа од балтичка држава, Естонија, но останува прашање колку нејзиниот профил е соодветен за иден политички шеф на НАТО. Каjулаид, неодамна имаше неуспешна кампања да стане Генерален секретар на Организацијата за економска соработка и развој, позиција што се чини дека многу подобро одговара на нејзината биографија.

Британија е желна да има силна позиција во Брисел, а Италијанците сметаат дека нив им дојде редот
Во игра, како можна кандидатка, се споменува и поранешната британска премиерка, Тереза Меј. Според познавачи на ситуацијата во НАТО, постои општо очекување дека Велика Британија ќе изврши силен притисок за функцијата Генерален секретар како начин за демонстрација на нејзиното континуирано влијание во Европа по Брегзит. Но, прашање е дали Меј ќе биде прифатлива поради домашните критики за нејзините менаџерски и комуникациски способности.

И Италија покажува апетити за оваа позиција. Федерика Могерини, поранешната министерка за надворешни работи на Италија и поранешна шефица на дипломатијата на ЕУ, самата се интересирала за врвната функција во Алијансата.

Но, според извори во НАТО таа ја нема поддршката на клучниот играч – Вашингтон.