Според обвинителството, поранешниот министер за транспорт и членовите на комисијата за јавната набавка избрале да купат автобуси вредни 35 милиони евра од фирма која немала комплетна документација на денот на отворање на тендерот. Штетата на Буџетот се проценува на 4,7 милиони евра
Еден од обвинетите членови на комисијата за јавната набавка е Игор Јанушев, актуелен член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен генерален секретар на партијата
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека поднеле Обвинителен акт против четири лица, а во врска со набавката од 2010 година на двокатните автобуси за јавнот градскиот превоз во Скопје. На обвинението му претходела истражна постапка, во која обвинителството кое го води Вилма Русковска заклучило дека е прекршен законот и е направена поголема материјална штета на Буџетот на државата.
„При спроведување на постапка за јавна набавка, обвинетите како соизвршители ја искористиле својата службена положба и овластување и спротивно на Законот за јавни набавки, прибавиле корист за економскиот оператор од Р.Кина на начин што незаконски го фаворизирале и со него склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси. Со извршените дејствија нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од 293 773 226 денари или 4 772 920 евра“,
соопштија од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Како Скопје купи двокатни автобуси и за што се обвинети Јанакиески и Јанушев
Дека на Скопје му требаат нови автобуси беше апсолвирано прашање далеку пред 2010 година. Прв посериозен чекор, во 2006 година, презеде тогашниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, кој сакаше да купи 100 обични автобуси со кредит од ЕБРД. Иако власта на СДСМ, со која не беше во добри односи, беше замината, сепак не доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.
Следната година ЈСП, сепак, ќе објави тендер за 50 автобуси. Мал дел од тие возила треба да бидат двокатни, со што за прв пат се се јавува идејата за автобуси на спрат. По убедување од владата, директорот на ЈСП го поништува тендерот, по што градоначалникот Трифун Костовски го разрешува директорот и става нов.
Следниот и сите подоцнежни тендери за автобуси ги распишува Владата на ВМРО-ДПМНЕ а не Град Скопје или ЈСП. Владата бара само двокатни автобуси. Прво 50, па потоа 102, кога за прв пат се вметнува условот автобусите да имаат „ретро“ изглед. Во многубројните пиши-бриши тендери, во еден момент ќе се бараат и 302 двокатни автобуси.
Предмет на интерес на обвинителството се пропаднатите и едниот успешен тендер во периодот 2008-2010 година. Еден од интересните детали во овој период е што домашната компанија „Санос“ даде понуда со свој „ретро-дизајн“.
Тој тендер пропадна, а кога се распиша следниот, дизајнот на „Санос“ беше речиси ископиран од компанијата која на крај и ја доби набавката – Јутонг.
Во соопштението на обвинителството, сепак, не се споменува дизајнот туку парите. Имено, архивите покажуваат дека на првите тендери за нови автобуси се јавуваа и познати компании од Западна Европа, но по многубројните поништувања, во игра останаа само две кинески компании. Едната кинеска компанија, Кинг-Лонг, настапуваше преку претставништво од Бугарија. Другата која и го доби тендерот, Јутонг, настапуваше директно.
Според ОЈО за гонење на организиран криминал, Министерството за транспорт предводено од Миле Јанакиески ја избрале поскапата понуда на Јутонг, иако знаеле дека компанијата нема комплетна документација.
„Имено, по три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отварање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отварањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4 772 920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“,
се вели во соопштението на обвинителството.
Вкупниот договор за купување на двокатните автобуси од кинески Јутонг чинел околу 35 милиони евра, велат од обвинителството. Со постапките, обвинетите сториле кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување.