Еден ден откако „360 степени“ објави дека министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, сака да го преземе од Агенцијата за разузнавање во МВР – Синиша Алексовски, контроверзниот екс советник на Ѓорге Иванов, дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска потврдува дека трансферот не се случил поради тоа што таа не дала согласност за тоа

Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, потврдува дека таа не одобрила дополнителни четворица вработени од Агенцијата за разузнавање (АР) да преминат во МВР, откако претходно дала согласност за трансфер на пет лица. „360 степени“ вчера објави дека меѓу четворицата вработени во АР, кои министерот Наќе Чулев сака да ги има во својот кабинет во МВР, е и Синиша Алексовски, контроверзниот поранешен советник за национална безбедност на претседателот Ѓорге Иванов.

„Согласно потребите на кабинетот на техничкиот министер Чулев, заедно потпишавме спогодби за преземање на петмина вработени од АР во МВР и тие се реализирани. Точно е дека одбив да потпишам дополнителна согласност за спогодбено преземање на четворица вработени од Агенцијата за разузнавање на позиции во Министерството за внатрешни работи. Тоа го направив од причина што не бев доволно убедена во аргументите за неопходноста за нивно ангажирање во МВР. Сметам дека во Министерството има доволно професионалци кои можат да придонесат за организирање и спроведување на фер и демократски избори и кои немаат никакви дамки и поврзаност со настани во кои била загрозена безбедноста на државата“,
вели Петровска во изјава за „360 степени“.
Вчера објавивме дека трансферот на Синиша Алексовски и на уште тројца вработени во АР, бил инициран од министерот Чулев, но заглавил, за што добивме потврда од Агенцијата за разузнавање:
„Потврдуваме дека по именувањето на Наќе Чулев за технички министер за внатрешни работи, од АР во МВР се преземени пет вработени кои сега се дел од кабинетот на министерот како негови најблиски соработници. На министерот, работното место во АР му е во мирување. Дополнително, од МВР до АР побарани се уште четворица вработени, но поради непотполната документација испратена од МВР, истата е вратена на доработка. Очекуваме да биде пратена во АР со што и овие вработени би преминале во МВР.“
Кои се досега преземените вработени

Од позициите на кои се поставени досега преземените вработени од АР, може да се заклучи дека Чулев и во МВР сакал да се потпре на своите најблиски соработници од Агенцијата:
-Марјан Христов, е именуван за шеф на кабинетот на Чулев во МВР;
-Мухамед Исмаиљи, за државен советник во кабинетот;
-Здравко Стојков, за помошник-министер за ИТ;
-Виктор Ѓорѓиевски, обезбедување;
-Андријана Сапунџиева-Кокарева, лична асистентка на Чулев.
Кој е Синиша Алексовски

Името на Синиша Алексовски беше споменато од српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ во контекст на крвавите настави во Собранието на 27 април 2017 година. Живаљевиќ изјави дека бил присутен во парламентот на 27 април со дозвола од кабинетот на Иванов, поточно од советникот за безбедност на претседателот, Синиша Алексовски.
Кабинетот на Иванов реагираше на изјавата на Живаљевиќ и соопшти дека македонските служби не побарале услуги од него. Како што рекоа од кабинетот на Иванов, Живаљевиќ по завршување на дејствијата и активностите во Собранието, испратил пораки до лица вработени во институциите, меѓу кои и до посочениот советник Синиша Алексовски дека бил во Собранието, но „со цел да обезбеди алиби и да ја намали одговорноста за своето постапување“.
Еден ден по случувањата во Собранието на 27 април 2017 г., Зоран Заев го обвини претседателот Ѓорге Иванов дека заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, дека се организатори на обид за негово убиство.
Алексовски беше споменат и во судењето за „27 април“ од обвинетите браќа Стефан и Михаил Младеновски, кои во своја одбрана пред судот кажаа дека им било пренесено дека Синиша Алексоски, советник за национална безбедност на Иванов, кажал дека ноќта на 27 април, во 22 часот, ќе биде прогласена воена состојба.
„Стаса информација дека Синиша Алексовски се јавил и кажал оти Иванов ќе предложи воена состојба. Рече дека воена полиција чека на готовс да го апси раководството на СДСМ. Но, во 10 часот Иванов не го стори тоа“, рече во своето сведочење во понеделникот Михаил Младеновски.
По исказот на браќата Младеновски, Алексоски, преку соопштение од кабинетот на Иванов, кажа дека сведочењата се конструкции на лаги, непостоечки комуникации, рекла-казала муабети и дека доколку обвинетите знаеле кои се условите и административната процедура за прогласување воена состојба не би биле предмет на манипулација.