На јавна седница пред Врховниот суд адвокатите побараа укинување на пресудата и случајот да се врати на повторно судење или таа да се преиначи во ослободителна
Пред Врховниот суд за предметот пристигнале девет жалби, од кои јавна седница побарале седум лица. На денешната јавна седница присуствуваа четворица, додека тројца писмено го известиле судот дека не сакаат да присуствуваат
Поради суштествени повреди на кривичната постапка пред првостепениот и второстепениот суд, погрешно утврдената фактичка состојба и повредата на Кривичниот законик, одбраната на обвинетите за случајот „Диво Насеље“ денеска, на јавна седница пред Врховниот суд, побара укинување на пресудата и случајот да се врати на повторно судење или таа да се преиначи во ослободителна.
Пред Врховниот суд за предметот пристигнале девет жалби, од кои јавна седница побарале седум лица. На денешната јавна седница присуствуваа четворица, додека тројца писмено го известиле судот дека не сакаат да присуствуваат.
Адвокатот Насер Рауфи, кој пред Врховниот суд зборуваше за двајца од обвинетите Амди Красниќи и Дем Шеху, укажа на повеќе суштествени повреди на кривичната постапка од Кривичниот и Апелацискиот суд.
„Не беше дозволено одбраната да им поставува прашања на сведоците предложени од другите бранители. Не се прифати предлогот да се повикаат и да се сослушаат вештите лица кои ги изработиле вештачењата, со што беше повредена еднаквоста на оружјата“,
изјави Рауфи.
Адвокатот Љупчо Веселиновски, кој е бранител на Фадил Безулахи, рече дека неговиот клиент одбил да присуствува на денешната јавна седница бидејќи не сака биде дел од, како што нарече, „циркус на првостепениот и второстепениот суд“ во кој случајно влегол.
Веселиновски пред Врховниот суд рече дека групата била лоцирана и цело време била следена уште од селото Гошинце, дека полицијата знаела каде се и никој не презел ништо кога групата дошла во куќата на Фадил во Диво Насеље.
„Нема докази дека Безулахи е терорист и дека сторил такво нешто. Барам укинување на оваа пресуда и враќање од почеток со отстранување на сите недостатоци од постапката“,
изјави Веселиновски.
Бранителот Мефаиљ Арслани, образложувајќи ја жалбата пред Врховниот суд, рече дека освен суштествени повреди, имало и погрешни и нецелосно утврдување на фактичката состојба.
„Никој од овие момчиња нема да каже дека не бил во Диво Насеље, и ако само меѓу нив ги бараме организаторите на овој настан, тоа е погрешно. Овие лица се изманипулирани“,
рече Арслани.
За настаните од кумановската населба на 9 и 10 мај 2015 со затворски казни осудени се вкупно 33 лица, а ослободителни пресуди добија четири лица.
Судскиот процес се водеше за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Првично, во постапката беа опфатени 29 лица, а подоцна случајот се спои со предметот „Молња“ каде што имаше уште осум лица кои се гонеа како помагачи на вооружената група.
Првостепената пресуда Основниот кривичен суд ја донесе на 2 ноември 2017 година, а таа во јули 2019 беше потврдена и од Апелација. 33. лица кои беа прогласени за виновни добија: седум доживотен затвор; 13 осудени по 40 години затвор; шестмина по 20 години; еден 18 години; двајца 14 години; двајца 13 години; двајца 12 години затвор.
Вооружената престрелка во мај 2015 година траеше повеќе од 20 часа. Животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили, а беа убиени и 10 члена на вооружената група.