Од 12 јули граѓаните ќе може да се вакцинираат и без закажан термин, информираат од Министерството за здравство.
Граѓаните без закажан термин ќе може да се вакцинираат во здравствените домови и болници, каде што и досега се одвива вакцинацијата, додека во спортските сали ќе се врши само ревакцинација.
„Министерството за здравство ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 јули вакцинацијата на граѓаните ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација. Министерството за здравство ги информира граѓаните дека почнувајќи од 12 јули, ќе може да се вакцинира секој граѓанин без разлика дали е пријавен или не се пријавил на веб-страницата vakcinacija.mk Секој кој сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk“,
соопштија од Министерството за здравство.
Следната недела ќе започне и теренската вакцинација. Венко Филипче денеска е на работен состанок со директорите на Здравствените домови и членовите на Националната работна група за вакцинација за да ги утврдат насоките како ќе се организира овој процес на терен.
Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска на работен состанок со директорите на здравствените домови во државата и членови на Националната работна група за ковид-19 вакцинација ги утврдуваа насоките за организација на теренска вакцинација која треба да започне од следната недела.
Здравствените домови до петок треба да изготват план и организација за секој ден, време и место на теренската вакцинација и граѓаните кои ќе ја примаат првата доза вакцина на мобилен пункт, а исто ќе биде и за ревакцината.