Медијатор на ОН рече дека треба да се засилат напорите меѓу Скопје и Софија и да се најде решение базирано на принципот дека успехот на соседот е вредност од посебно значење
Неопходно е Бугарија да го направи овој чекор заедно со С Македонија. Неопходно е Бугарија да испрати порака дека е дел од Балканот на иднината, рече поранешниот грчки премиер
Од држава со авторитарни тенденции, со ускратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и се унапредува со секој изминат ден, рече македонскиот премиер
Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до Договорот со Грција, денес слободно можеме да го кажеме тоа. Ние сме Европа, повеќе од кога било, истакна вечерва во Охрид премиерот Зоран Заев, на официјалното отворање на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог „Патот до Преспа“.
„Од денешна перспектива, јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која дотогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем. Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно. Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите“,
истакна Заев.
Со Договорот од Преспа, како што посочи, на светот му се понуди еден нов Балкан, европски, кој покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет.
Како бесценет го оцени моментот кога, пред три години, тој и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Преспа им ја соопштиле добрата вест на сите народи.
Нагласи дека денес ги собираме плодовите од решениот спор, комплетирана е нашата лична карта во ОН, односите со Грција се исклучително добри, сериозно е подобрена билатералната соработка, има раст на економските инвестиции, бизнис соработка, а веќе имаме и одлуки за заеднички инвестиции во гасоводни проекти како тој во Александруполи.
„За да се постигне ваков договор потребни беа верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија. Но, потребни беа и издржливост и упорност. Договорот имаше за цел да го надминеме минатото исполнето со недоверба и навистина да градиме заедничка иднина“,
нагласи премиерот.
Заев уште нагласи дека Договорот од Преспа го означи крајот на една ера и почеток на ново поглавје, како за двете држави така и за регионот пошироко.
Истакна дека денес Северна Македонија е рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот – НАТО и дека од заробена држава стана современ пример, кој сите го нарекуваат успешна приказна.
„Од држава со авторитарни тенденции, со ускратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и се унапредува со секој изминат ден. И еве, денес, горд сум што создаваме и извезуваме нови демократски вредности“,
рече Заев.
Ципрас беше вториот говорник на вечерашната конференција, кој оцени дека со Заев постигнале голем чекор кој е порака за целиот регион.
„Три години ја чувам вратоврската што ти ја украдов тогаш, како симбол на еден смел чекор и на големото пријателство меѓу нас“,
му се оврати Ципрас на Заев.
Потоа, тој наброи неколку причини поради кои беше постигнат Преспанскиот договор: Првата причина како што рече е тоа што преговорите ги воделе прогресивни политичари, кои веруваат дека разликите меѓу државите треба и може да се решаваат, по мирен пат и врз основа на меѓународното право;
„Тоа е разликата со конзервативните политичари кои ги оставаат ѕидовите таму каде што се. Можеби понекогаш, по потреба, ги бојат со различна боја, ама не се осмелуваат да го турнат ѕидот со соседот, бидејќи се плашат дека кога ѕидот ќе се урне ќе им ја уништи политичката кариера“,
рече Ципрас.
Втората причина, рече, е тоа што никогаш не сметавме дека овој проблем може да го решат некои други, иако имавме голема поддршка од ОН и од меѓународната заедница;
„За жал, денеска гледаме дека, и покрај овој голем напор, се наоѓаме повторно во стагнација во однос на ЕУ. Во стагнација е и европската перспектива на Албанија. Затоа сакам да упатам порака и охрабрување до пријателска Бугарија. Знам колку е тешко да најдеш излези и решенија за чувствителни прашања. Но неопходно е Бугарија да го направи овој чекор заедно со С Македонија. Неопходно е Бугарија да ја испрати пораката дека е дел од Балканот на иднината, што можеме да го градиме само заедно“,
рече Ципрас, упатувајќи апел и до властите во Белград и во Приштина да го продолжат дијалогот и да најдат решение што ќе се базира на меѓународното право, а не на национализам.
Третата причина, како што рече, има врска со возраста на потписниците на Преспанскиот договор.
„Јас и Зоран го потпишавме Преспанскиот договор на возраст од четириесетина години. Значи тоа е возраст кога не не интересира само сегашноста и не не интересира минатотот, туку не интересира иднината – каде и како ќе живеат наредните генерации. Стигнавме до договорот затоа што гледавме во иднината’,
истакна поранешниот грчки премиер.
Медијаторот на ОН за проблемот со името, Метју Нимиц, се јави преку видеоврска од Њујорк, оценувајќи дека Преспанскиот договор е уникатен и покажува што може да се постигне со добра волја.
„Би сакал да се постигне уште еден вакоб договор во што поскоро време. По три години, може да кажам дека Преспанскиот договор е успешен пример меѓу две соседни земји дека е можно решение за долгогодишен проблем. Никој не изгуби со овој договор, кој создаде стратешко партнерство и отвори перспективи за регионот. Ова е концепт што другите во регионот мора да го следат како пример“,
рече Нимиц.
Поранешниот медијатор рече и дека треба да се засилат напорите меѓу Скопје и Софија и да се најде решение базирано на принципот дека успехот на соседот е вредност од посебно значење.
„Економските спорови се решаваат меѓу државите во регионот. Но, идентитетските спорови никогаш нема до крај да се решат, затоа што се многу чувствителни и затоа што прво треба да се воспостави атмосфера на пријателство. и да се води дијалог со почит“,
оцени Нимиц.