Бугарскиот тајкун Васил Божков е уапсен во Обединетите Арапски Емирати, изјави бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев.
Тој додаде дека информаццијата за апсењето на Божков, кого Бугарија го бара поради лажирање игри на среќа, засега е неофицијална.
Пред неколку денови Обвинителството во Софија покрена истрага против Божков во врска со лажирање игри на среќа, а тој е обвинет по седум точки за криминално дело меѓу кои за шеф на организирана криминална група, за принуда, за изнудување, за обид за поткуп на службено лице, како и за поттикнување и сторено кривично дело.
Кој е Васил Бежков?
Списанието „Впрост“ (Wprost) во 2008 година го прогласи бугарскиот олигарх и бизнисмен за најбогат Бугарин со богатство од 1,35 миијарди евра, но неофицијално се претпоставува дека неговата финансиска состојба сега изнесува над 6,5 милијарди евра. Божков е познат по прекарот „Череп“, а во внатрешната коресподенција на Стејт департментот е определен како „најозлогласениот криминалец во Бугарија“.

Во 1991 година Божков станува партнер во компанијата за игри на среќа Еј Џи Ем. Отвора казино во хотелот „Рила“ во Софија, а во 2007 година е сосопственик на казината во „Радисон САС“ и „Хемус“, како и на сали за бинго.
Во 2006 година тој го купува поранешниот Фонд за приватизација „Холдинг Патишта“. Главен акционер на „Холдинг Патишта“ е „АБВ Инженеринг“, кој, пак, е сопственост на „Нова интернал“, ќерка-компанија на „Нова холдинг“, сопственост на Божков. Преку „Нова холдинг“ Божков купува голем дел од регионалните државни фирми за изградба на патишта.
Нови апсења во аферата
Во оваа афера, покрај тајнукот, засега се потврдени информации за уште две уапсени лица.
Еден од нив е и бугарскиот бизнисмен Борис Бекијаров, по кого, исто така се трагаше. Тој е приведен пред неколку часа на аеродромот во Виена. Бекијаров моментно се наоѓа во просториите на австриската полиција. Се очекува бугарските власти да ги спроведат потребните процедура за да може Бекијаров да биде вратен во земјата, објави БГНЕС.
Бугарското обвинителството денеска објави дека во Софија е приведен и директорот на Комисијата за игри на среќа, Александар Георгиев. Тој признал дека го заштитувал бизнисот на бугарскиот тајкун Васил Божков. Подоцна денеска се очекува судот да му одреди мерка притвор на поранешниот директор на комисијата, Огнемир Митев.
Според Обвинителството, организираната криминална група, предводена од Божков, дејствува низ цела Бугарија од 2014 година и е формирана со цел да врши принуда, изнуда, перење пари. Постојат податоци дека шефот на групата му нудел по 10.000 лева (околу 5.000 евра) дневно на вработен во Комисијата за игри на среќа за да достави предлози за одземање на лиценците на конкурентските компании.