Западен Балкан неизбежно ќе продолжи да заостанува во развојот зад земјите во опкружувањето во Југоисточна Европа, бидејќи Европската Унија (ЕУ) им даде на своите членки во регионот значително поголема финансиска поддршка, се заклучува во новата студија објавена од Италијанскиот институт за меѓународни работи (ИАИ) во Рим.
Така, во текот на следните седум години, Грција ќе располага со приближно 5 700 евра по глава на жител од редовните фондови на ЕУ и од новиот фонд за закрепнување од последиците од пандемијата на коронавирусот. ЕУ предвидува приближно 500 евра по жител за Западен Балкан во истиот период, што е единаесет пати помалку отколку за Грција и десет пати помалку отколку за Хрватска.
Третиот дел од спроведувањето на Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА 3) на Западен Балкан, од оваа до 2027 година, треба да се финансира со приближно девет милијарди евра неповратен капитал. Во истиот период, Романија може да смета на речиси 70 милијарди евра грантови и поволни заеми, а Бугарија на нешто помалку од 30 милијарди.
На Западен Балкан живеат околу 18 милиони луѓе, што е повеќе отколку во Словенија, Хрватска и Бугарија заедно. Сепак, трите земји ќе имаат на располагање над шест пати поголема финансиска поддршка на Унијата.
Студијата покажува дека социо-економските разлики помеѓу Западен Балкан и ЕУ продолжува да растат без изгледи да исчезнат во догледно време. Се предлага Унијата да ја изедначи финансиската поддршка на сите земји во регионот. Тоа би ја чинело ЕУ помеѓу две и 12 евра по глава на жител, во зависност од економската моќ на одделни членки.