Групи составени од лица од српско-хрватското говорно подрачје, вообичаено државјани на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија, пишува во извештајот, исто така станаа главни играчи во набавката на големи количини кокаин и организирањето на транспортот и продажбата до европските купувани
Пандемијата со ковид-19 воопшто не влијаеше на бизнисот со шверц на кокаин на криминалните групи кои хараат низ Европа. Напротив, прелиминарните извештаи на царинските управи на 12 земји од Западна и Централна Европа покажуваат дека количините на запленет кокаин на пристаништата се зголемил за 18 проценти во 2020 година – од 118 тони една година претходно, лани во рацете на цариниците завршиле 140 тони кокаин.
Ваквите состојби на црниот нарко-пазар во Европа, се констатираат во годишниот извештај на Канцеларијата за дрога и криминал на Обединетите нации (УНОДЦ).
Интересен податок од овој извештај за нашиот регион е што се посочува дека балканските шверцери стануваат главни играчи на нарко-пазарот со кокаин.
Разновидноста во синџирот на снабдување ја олесни достапноста на кокаин во Европа
Врските на подземјето од Латинска Америка – светскиот број еден производител на кокаин, и Европа се разновидни и токму разноликоста на актерите во ланецот на снабдување е она што го прави кокаинот подостапен за европејците. Ваквите состојби, како што наведува УНОДЦ, се констатираат во последните години.
„Во минатото, во недозволената трговија со кокаин доминираа мал број добро етаблирани актери и канали, пред сè, организираните криминални групи од Италија и сојузништвата меѓу колумбиските и шпанските групи“,
констатира Канцеларијата за дрога и криминал на ОН.
Меѓутоа, тука се констатира дека за разлика од претходно, последните години се појавуваат голем број криминални групи од Европа кои го преземаат приматот на главни играчи во транспортот и снабдувањето со кокаин во Европа, со оглед дека воспоставуваат сопствени контакти во Латинска Америка.
Како примери се посочуваат криминални мрежи од албанското поднебје, но и групи од поранешна Југославија.
„Групи составени од лица од српско-хрватското говорно подрачје, вообичаено државјани на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија, исто така станаа главни играчи во набавката на големи количини кокаин и организирањето на транспортот и продажбата до европските купувани. Оваа разноликост, доведе до зголемена конкуренција, но и почести случаи на соработка помеѓу различни групи кои се занимаваат со шверц на кокаин што резултира со поефикасен синџир на снабдување“,
пишува УНОДЦ упатувајќи на заклучок дека веројатно тоа, заедно со високото ниво на производство на кокаин во Јужна Америка, придонеле за поголемата достапност на кокаинот во Европа.
Холандија, пак, исто така досега важела за важна сцена за подземјетето бидејќи неколку криминални организации, како оттаму, но и од други европски земји, ги користат пристаништата во оваа земја за да ги добиваат пратките од Јужна Америка, кои потоа ги дистрибуираат на црниот пазар низ цела Европа.
Патот на кокаинот е најчесто преку море
Врз основа на заплените кои ги имале безбедносните сили во Европа, во извештајот се упатува на тоа дека најчесто кокаинот во Европа пристигнува преку море, спакуван во товарни контејнери. Најчесто, властите заплените ги прават кога кокаинот ќе пристигне на некое европско пристаниште, но има и случаи, како што се констатира, кога дрогата се запленува уште додека пратката е во море.
Покрај Холандија, како примери каде биле запленети поголеми количини се споменуваат и пристаништа во Белгија и Германија, но и Шпанија и Италија.
Во еден дел од извештајот во однос на европскиот пазар со хероин, се споменува и дека зголемената достапност на оваа дрога во Европа, покрај на разноликоста на криминалните групи и зголеменото производство во Латинска Америка, можно е да се должи и на тоа што на најголемиот пазар (потрошувач) на кокаин – САД, има заситеност или зголемена активност на американските власти во контролата. Затоа, посочува УНОДЦ, се отвора патот европскиот да се смета и за пазар со „најмал отпор“.