Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија денес го одбележа почетокот на новата швајцарска Програма за соработка 2021-2024 преку панел-дискусија со клучните партнери на тема кои се заедничките приоритети и кои се предизвиците за развој на државата. Преку новата програма, Швајцарија потврдува дека ќе продолжи со поддршката на планот за развој на Северна Македонија. Вредноста на оваа четиригодишна програма изнесува околу 65 милиони швајцарски франци.
„Швајцарија е искрен и сигурен партнер, кој ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Република Северна Македонија од 1992 година. Новата Програма 2021-2024 ги потврдува нашите силни заложби за поддршка на државата на патот кон евроатлантските интеграции и постигнување на целите за одржлив развој. Во согласност со реформските процеси на Северна Македонија, новата Програма за соработка се фокусира на унапредување во областите на демократско управување, одржлив економски развој, како и оспособување одржливи јавни претпријатија и заштита на животната средина. Веруваме дека нашето швајцарско искуство и експертиза во овие области ќе бидат корисни за негување заеднички дијалог за развојната агенда и приоритетите и ќе додадат вредност во нивното реализирање“,
рече амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада.
Премиерот Заев се заблагодари за грижата и приоритетите утврдени во Програма за соработка на Швајцарија со Северна Македонија 2021–2024 година, кои, како што рече, се особено релевантни за натамошниот развој на нашата земја и за благосостојбата на сите граѓани. Фокус на темите поддржани од програмата ќе биде на борбата против корупцијата, понуди за миграција на сивата економија кон легалните економски текови, дигитализација и климатски промени, посочи Заев.
„Драго ми е што сме денеска тука заедно со Швајцарската амбасада и меѓу важни партнерски институции и организации, ја промовираме Програмата за соработка за 2021-2024 година, која и понатаму е израз на силната посветеност на оваа наша пријателска земја да ја продолжи поддршката на решавањето на преостанатите предизвици на нашата политичка определба, на нашите социјални и економски политики, особено сега во постковид-периодот“,
рече Заев.
Преку двете панел-дискусии заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, Горан Мисовски, потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, како и претставници од граѓанскиот и приватниот сектор разменија аргументи за тоа како новата
швајцарска Програма за соработка може да ги поддржи реформските приоритети за европската и домашна агенда на Северна Македонија, како и во дефинирање клучни приоритети за остварување одржлив економски развој во постковид-свет.
Програмата се имплементира преку заеднички проекти кофинансирани со Владата, мултидонаторски програми и директни договори со македонски, швајцарски и меѓународни консултантски и граѓански организации, како и во директна соработка со приватниот сектор. Особено внимание ќе се посвети на зајакнување на ангажманот и финансирањето на приватниот сектор и на унапредување на дигитализацијата како алатка, како и на интеграција на климата, животната средина ризиците од катастрофи.
Преку напредните швајцарски програми за соработка постигнат е значаен напредок во државата, оцени премиерот Заев, а како дел од тоа беше посочено формирањето на Парламентарниот институт кој работи на градење на капацитетите на парламентот и негово етаблирање како ефикасно, транспарентно и автономно законодавно тело.
Дополнително, како што беше посочено, локалните македонски компании воспоставиле врски со нови пазари и оствариле дополнителна продажба од една милијарда денари благодарение на поддршката за развој на деловниот екосистем.
Со швајцарска поддршка 230 000 жители добија услуга за пречистување на отпадните води, 120 000 жители добија подобрени услуги за водоснабдување, а површината на заштитените подрачја во Северна Македонија се зголеми за 20%, со тоа што територијата на државата која е под заштита изнесува 11% од целокупната територија.