На граничниот премин „Табановце“ забележана њ=е зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање за влез во државата е околу 20 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања.
Илјадници македонски државјани вчера и денеска се ревакцинираа во соседна Србија. Најголем дел од нив ја примија првата доза вакцина кон крајот на месец март и добија термини за ревакцина по 12 недели со вакцината на „Астра Зенека“.
Станува збор за лица помлади од 60 години кои немаа можност да се ревакцинираат во државава со „Астра Зенека“, додека оние граѓани кои се вакцинираа во странство со вакцините на „Фајзер“, „Синофарм“ и „Спутник“ можеа да добијат термин за ревакцина во земјава.
Според информациите на АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.